Дури шест автори се појавуваат во Слободна зона на ЦивилМедиа денеска. Како и обично, дел од тие текстови се анализи, додека останатите се колумни и коментари на најважните теми во земјава и во светот. Орданоски пишува за ДУИ, Кекеновски за странските инвестиции, Дерала за сајбер нападите, Иванов за Бугарија, а Писарев и Мишев за различни аспекти на руско-украинската криза.
„Цврстината на функционерските инсталации на ДУИ, во смисла на почитувањето на хиерархијата и координацијата, секогаш биле „понепробојни“ од опуштените партиски структури дури и на ВМРО-ДПМНЕ, а не па на пословичната лабавост на СДСМ. Кај ДУИ нема трте-мрте каков договор и да треба да се искоординира или спроведе, бидејќи не еднаш е кажано дека тие директно му одговараат на Али Ахмети прво, а потоа, ако баш мора, на утврдената државна номенклатура.“, прочитајте во колумната на Сашо Орданоски „На Али Ахмети му прекипе!“.
„За волја на вистината, владата на Заев дополнително преку Фондот за иновации финансираше разни иновации на приватни домашни компании и инвеститори. Општ впечаток е дека со народни пари се финансираа иновации на фирми и субјекти блиски на партијата на власт. Иако за овој начин на „субвенционирање“ постоеја многу нелогичности, сомневања и општо незадоволство, надлежните институции кои требаа да ги гонат нелегалните дејствија и индиции за сторен криминал повторно молчеа и за жал сѐ уште молчат, иако таму веќе се сменија тројца директори.“, пишува Јове Кекеновски во колумната „Македонија за странските инвеститори мајка, за домашните ниту маќеа“.
„Благодарение на деноноќната работа на нашите сајбер ангели-чувари, сè досега успешно му одолеавме на огнот што доаѓа од „мултиракетниот систем“ на нашите „обожавател(к)и“ од другата страна на фактите. Особено жестоки изрази на „љубов“ ни беа испратени во теконт на изминатиот викенд, но и додека ја пишувам оваа блиц порака до јавноста, не нè оставаат на мира. Без оглед на „благата непријатност“ што ја предизвикува „шпалирот“ од копјаници кои ја опкружуваат нашата и вашата СЛОБОДНА ЗОНА, работата продолжува непречено. Со секое вакво „охрабрување“, нашите тимови стануваат порешителни од кога и да е порано.“ , Џабир Дерала во Блицот „Огнот на „мултиракетниот систем“ од другата страна на фактите“.
„Конкретно за нашите Македонци во нели, европска Бугарија. Да бараат, да инсистираат тие самите да си ги почитуваат сопствените европските прописи. Да си ги спроведуваат сопствените европски пресуди на сопствениот суд во сопствениот европски Стразбур. Конкретно, да си ги спроведат во дело веќе рекордните 16 пресуди на иста тема донесени во корист на веќе угнетените етнички Македонци државјани и граѓани на европската Република Бугарија.“, во Брзата пошта од Зоран Иванов „Ехото од европското дувло на човековите права“.
„Воочи овонеделните дипломатски активности, во понеделник Москва му испрати писмо на Вашингтон, како одговор на предлозите на САД како да се оконча криза околу Украина. Стејт департментот потврдува дека писмото е пристигнато, но дека нема да ја објават неговата содржина, со напомена дека би било непродуктивно неговата содржина да биде јавно објавена. Таквата одлука останува на Москва. Но Москва демантира дека го испратила писмото.“, Александар Николиќ Писарев во анализата „Кризата околу Украина се доближува до преломна точка“.
Секој потенцијален конфликт во Украина е нужно поврзан со прашањето за потребите на Европа за гас и улогата на Украина во нивно снабдување. Но, според експертите, Украина можеби ќе треба да ја преиспита својата улога во европскиот гасен систем и да изнајде начини да ги диверзифицира сопствените потреби од снабдување со гас, во спротивно, ќе продолжи да зависи од Русија. Полска веќе го направи својот стратешки потег, градејќи гасовод до Норвешка и терминалите за ЛНГ за увоз на гас од САД и Катар., пишува Драган Мишев во анализата „Зависноста на Европа од руски гас и неговата улогата во тензиите помеѓу Русија и Западот околу Украина“.
Дескот на ЦивилМедиа