ДРАГАН МИШЕВ
Во коментар на Фејсбук за случајот со „куферот“ оставен на плоштадот ВМРО, новинарскиот ветеран и колумнист, Бранко Тричковски напишал:
„Најголем предизборен штос би направиле кога во куферот би го напикале распарчаното тело на Христијан!“, за што, како што самиот вели, експресно добил покана за итен информативен рзговор.
Правниот тим на ЦИВИЛ оцени дека Тричковски, најверојатно бил пријавен поради загрозување на сигурноста- по член 144 од Кривичниот законик, по што бил повикан на разговор во полиција, како дел од постапката по пријавата.
Самиот Тричковски, во друга објава на Фејсбук вели дека во станицата при информативниот разговор билеа максимално коректни и се држеле во рамките на законските протоколи во вакви случаи., при што, во своето образложение при исказот, на прашањето дали во коментарот за Христијан мислел на Мицкоски, одговорил:
Не, Христијан е општо име за манипуланти кои шират атмосфера на стрв и несигурност, користејки ги своите медиумски песови кои се трудат да ги втераат сите овци во исто грло.
Сепак, поширокиот контекст дозволува и таква интерпретација, при што употребата на името Христијан, може да се земе како да се работи за премиерот, Христијан Мицкоски.
И, до тука е се во ред. Дури може да се заклучи дека институциите си ја работат својата работа.
Но, дали е навистина така, и институциите не постапуваат селективно, од случај до случај, и преземаат брзи активности единствено кога се работи за Христијан Мицкоски-премиерот. Брзината е особено забележлива сега, за време на изборната кампања, кога не треба да се „валка“ ликот и делото на премиерот. И дали ова значи дека институциите се впуштени во лов на негативни коментари на социјалните мрежи за премиерот и владата?
Како поинаку да се протолкува ваквата драстична промена од претходното неделувањето на институциите за илјадниците сериозни закани кон ЦИВИЛ и неговото потесно раководство. „Метак у глава“, „Има ли некој да му стави метал на Дерала?“, „народен суд“, „стрелање“ се редовен репертоар на говорот на омраза и повиците за ликвидација против „тие од Цивил“, кои останаа без реакција од институциите и непроцесуирани, додека Основно јавно обвинителство по цели девет месеци од пријавата поднесена на 24.01.2024 година, успена на почетокот на октомври да достави пратка со известување дека на 17.09 успеа да оцени дека заканувачката порака „Биди видлив гнидо, куршумот кај и да е ќе те стигне“од профилот на извесен „Александар Антиќ“, упатена кон уредникот на Цивил Медиа, била, како што стои во одговорот – „новинарско препукување, без конкретна намера и цел, да се упати закана, ниту да се заплаши било кој, особено не авторот на текстот Дерала“. Уште потажно е тоа што изостанаа и реакциите од новинарските здруженија, најверојатно уплашени за својот статус кај новата власт.
Како што велат, правдата е слепа, во нашиов случај слободно може да се додаде: и спора и селективна.
Во соработка со Тимот на ЦИВИЛ за мониторинг на хибридни закани (ЦХТМ – CIVIL Hybrid Threats Monitoring Team)