Специјалното јавно обвинителство на денешната прес-конференција, ден пред истекувањето на рокот за поднесување обвиненија, информираше дека во изминатиот период се обвинети 94 физички и 7 правни лица во вкупно 20 истраги, од кои две, „Тврдина“ и „Таргет“ се споени во еден предмет, додека за „Табла“ и „Талир“ сè уште трае истрагата. Случаите „Тврдина 2“, „Транспортер“ и „Насилство во Општина Центар“ веќе се во судска постапка.
https://www.facebook.com/civil.mk/videos/1343557112429421/
Како што истакна Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, СЈО очекува сите предмети да бидат преземени од судовите во итна постапка и да почнат да одлучуваат во рок од 24 часа. Во поголемиот дел од предметите, СЈО бара мерка притвор за дел од обвинетите.
За случајот „Титаник“, СЈО поднесе барање за притвор на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски, за неговиот шеф на кабинет Мартин Протоѓер и генералниот секретар Кирил Божиновски, за поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
За случајот „Тендери“, побаран е притвор за поранешната министерска за култура Елизабета Канческа Милевска, а за случајот „Тотал“, побаран е притвор за новинарот Драган Павловиќ Латас.
Притвор за поранешниот вицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски, е побаран во случајот „Траекторија“, а за случаите „Тврдина“ и „Таргет“, побаран е притвор за пет лица, меѓу кои и поранешниот директор на ДБК Сашо Мијалков.
Одговарајќи на новинарски прашања во врска со последниот случај „Талир“, Јанева појасни дека нема процедурални пречки за овој предмет, односно, немало доволно време да се заврши истрагата. „Некој водел незаконска кампања 8 години и не може за еден месец да се истражат сите сомнежи“, рече Јанева.
Доказните материјали со кои располага СЈО, денеска и утре ќе бидат доставени до Кривичниот суд.
На денешната прес-конференција присуствуваа сите обвинители од тимот на Јанева.
Текст и фото: Марија Теговска