Денешната седница на Советот на Општина Дебрца на која требаше да се расправа по иницијативата на градоначалникот Игор Трајкоски за распишување на референдум на кој жителите треба да се изјаснат за планот за изградба на регионална депонија во атарот на селото Годивје – е прекината!
Според претседателот на Советот Даниел Огненоски, наместо да водат грижа за интересите на жителите, особено сега кога во прашање е ставена иднината на еколошки чистата општина Дебарца, тие почнуваат предизборна кампања. Според Огненоски, советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, уште пред да почне седницата отвориле жестока расправа, со меѓусебни обвинувања околу редоследот на точките на дневен ред. Откако не можеле меѓусебно да се договорат, советниците од СДСМ, побарале пауза од 10 минути по што не се вратиле на седницата.
Жителите на Општина Дебарца протестираа во знак на револт против предлогот на Министерството за животна средина за изградба на регионална депонија во атарот на селото Годивје, со дециден став дека „не сакаат фабрика за отпад во најчистата околина“ и најавија радикализација на протестите и блокади на патиштата, ,ако не се најде друга локација за депонијата“.
Откако граѓаните реагираа дека никој не ги информирал, ниту консултирал и дека никој од Дебарца не дал позитивно мислење за депонијата – иако се работи за најголемото сливно подрачје на Охридското Езеро кое што е под заштита на УНЕСКО, градоначалникот Игор Трајкоски (ВМРО-ДПМНЕ) побара поддршка од советниците – за итно распишување на референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат дали сакаат или не депонија во својата општина, по што, советниците и на ВМРО-ДПМНЕ и на опозиционата СДСМ, се согласија на итна седница да одлучат дали референдумот и ќе се организира. Но, очигледно, во меѓувреме, проработеле жешките линии со партиските централи, и се случиле меѓусебни опструкции од типот „на комшијата да му цркне козата“.
Во рамки на проектот за изградба на интегриран систем за управување со цврст отпад во Југозападниот плански регион што ќе се реализира со средства од ИПА- фондовите, од 12 предложени локации, предвидено е регионалната депонија за неколку градови од Западна Македонија, да се изгради во општината Дебарца, во реонот на селото Годивје, а со нејзиното пуштање во употреба до 2020 година, да се затворат бројните диви депонии, меѓу кои и струшката депонија.