Првиот час по македонски јазик во училиштето во Љубојно, по ослободувањето, се одржал на 15 ноември 1944 година. Според спомените на 85-годишниот Павле Кондовски, некогашен наставник по биологија и хемија во школото, како и директор, школото почнало да работи со неколкумина учители. Двајца биле од Љубојно, Методија Јовковски и Богоја Ничев, а им се приклучиле и Методија Поповски и Александар Хаџиевски од Ресен и Марика Манева од Битола. Тие ја формирале седмолетката по ослободувањето. Дури во учебната 1947/48 станало осмолетка. Приближно имало преку 400 ученици и во него учеле деца од цела Преспа.
Денес ова училиште е разрушено и заборавено во урнатини, а зачувани се само дел од надворешните ѕидови. Парите коишто од државата беа одобрени уште пред две години, сега ќе се искористат за конечно да почне постапката за реконструкција и ревитализација на првото македонско училиште во Преспа, а второ во државата по она во Подвис, Кичевско, и негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик.
Од Завод и музеј Битола потврдија дека започнуваат со изработка на соодветниот Основен конзерваторски проект за овој објект, и тоа во сите негови фази и дека ќе се обезбеди конзерваторско одобрение и дозвола за градба за да можат да започнат и градежните активности.
Извор: Фејсбук група Македонски јазик