Најновата одлука на Комисијата за заразни болести со предлог до Владата сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа задолжително да се вакцинираат, предизвика бројни реакции во јавноста. Според предлогот, административците, при одење на работното место, ќе бидат обврзани да прикажат потврда за примена најмалку една вакцина или ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, направен на сопствен трошок.
Во контекст на бројните дебати ширум светот, дали задолжителното вакцинирање е спротивно на човековите права, Европскиот суд за човекови права, во неколку случаи пресуди дека задолжителната вакцинација е легална и „неопходна во демократските општества“.
Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) уште во август, го отфрли барањето на 672 француски професионални и доброволни пожарникари против обврската за вакцинација против КОВИД-19, која им е наметната со законот од 5 август 2021 година, што се смета за „прва европска пресуда за обврската за вакцина против КОВИД-19“.
Претходно, Судот во Стразбур, во април годинава, повикан да се изјасни, од чешки родители кои одбија да ги вакцинираат своите деца против детски болести, ЕСЧП оцени дека оваа обврска може да биде „неопходна во демократско општество“. Оваа пресуда, дури и ако не се однесува на вакцинацијата против Ковид-19, се смета за неуспех за противниците на вакцините.
Цивил, како организација за човекови права која од првиот ден на пандемијата се вклучи во едукација, информирање и разобличување на дезинформациите и митовите за КОВИД-19 и за вакцините ја поддржува идејата за задолжително вакцинирање на населението.
Драган Мишев