„Владата на СДС спроведе криминални избори. Тоа им беше потребно за да владата на СДС и Зоран Заев продолжи да ја раскрчмува државната каса, и да ја ограбува државата. Тие ги излажаа и изманипулираа граѓаните и го прекршија ветувањето кое што го дадоа во предизборието дека нема да ја задолжуваат државата“, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Владата на СДС се задолжи за над половина милијарда евра, односно неверојатни 540 милиони евра, односно за 5 месеци над половина милијарда евра.
„Ова е потврда дека Владата на Зоран Заев е неспособна влада и не може да функционира без задолжување. Неодговорната и неграѓанска Влада на СДС наместо да ги покачува пензиите, да ги зголемува платите, да отвора нови работни места и да инвестира во инфраструктурата, таа ги крати, укинува и блокира сите проекти, а на сметка на недомаќинското работење ги задолжува граѓаните на Република Македонија“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, СДСМ не само што не ги покачи пензиите, туку секој пензионер го задолжи во просек за вртоглава сума од над 110.700 денари.
„Со ова СДС и Заев покажуваат дека не водат грижа ниту за највозрасната категорија граѓани. СДС безмислосно ја задолжува државата и идните генерации, без постоење на реален основ и без да кажат на што и како се трошат парите. Државата оди во банкрот. Одговорноста за оваа кражба ќе дојде и ќе ја има“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.