Вчерашниот ден за косовскиот премиер Албин Курти, и претседателот на Србија Александар Вучиќ беше долг. Прво имаа состанок со европските посредници Џозеф Борел и Мирослав Лајчак за потоа да имат „тет а тет“ средба.
Сите овие состаноци и дискусии имаа единствена цел: договорот за француско-германскиот план кој што првично така беше наречен, а сега европски план. Се чини дека такво нешто е постигнато откако страните, односно Курти и Вучиќ се договорија за овој план. Но сепак, немаше потписи.
Косовскиот премиер Курти изјави дека српската страна синоќа одбила да го потпише договорот за европскиот план.
„Не потпишав, бидејќи Србија не беше подготвена да потпише“, нагласи тој меѓу другото.
Исто така тој зборуваше и за текот на средбата, истакнувајќи дека беше позитивен.
„Денеска имавме позитивен, конструктивен состанок во Брисел и оваа средба беше потврда дека европскиот предлог е прифатлив и непроменлив. И претходно сум кажал дека тоа е добра основа и солидна платформа за да се оди напред. Сега, одењето напред ќе биде за имплементација на планот, но ќе има уште една средба на високо ниво, некаде кон средината на март, повторно со посредништво на Борел и Лајчак“, рече Курти.
Кога Курти беше прашан за Заедницата на српски општини (ЗСО), тој рече дека одговорот на ова прашање го дал претходно. Тоа е последната реченица во последниот член“, изјави Курти.
А токму договорот од 2013 година за ЗСО, создаде незадоволство кај српската страна. Претседателот на Србија изјави дека Курти не го прифатил спроведувањето на овој договор.
„Тешка средба. Како што се очекуваше. Нема предавање“, напиша српскиот претседател Александар Вучиќ на Инстаграм.
View this post on Instagram
Вучиќ рече дека била исклучително тешка средба и оти верува дека ќе бидат уште потешки, како што рече, уште една на 18 март во Северна Македонија, кога Борел ќе го посети регионот.
„До тогаш треба да разговараме со Лајчак. Ќе се разговара за неопходноста од спроведување на сите досегашни договори. ЗСО се подразбира, и мислам дека господинот Курти не беше спремен да го прифати тоа сега, ќе видиме во иднина. Се плашам дека можеме да останеме заглавени во нешто што одамна требаше да се исполни“, изјави Вучиќ.
Реакциите на европските и американските посредувачи
Шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел изјави дека Косово и Србија се согласиле дека нема потреба од натамошни дискусии за европскиот предлог за нормализација на односите.
President @predsednikrs Vucic and Prime Minister @albinkurti have today agreed that no further discussions are needed on the EU Proposal – the “Agreement on the path to normalisation between Kosovo and Serbia”.
We have made some progress today, but more work is needed. pic.twitter.com/RNe12QDqrF
— Josep Borrell Fontelles (@JosepBorrellF) February 27, 2023
„Претседателот [на Србија, Александар] Вучиќ и премиерот [на Косово, Албин] Курти се согласија дека нема потреба од понатамошни дискусии за предлогот на ЕУ кој го носи насловот: договор за патот кон нормализација меѓу Косово и Србија. Откако двајцата лидери се договорија дека нема потреба од дополнителни разговори, ќе биде објавен текстот на договорот“, изјави Борел по средбата меѓу Курти и Вучиќ.
По завршувањето на средбата за Канал10 се изјасни и специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој изјави дека сме далеку и дека постои се уште работи до постигнување договор меѓу двете страни.
Тој исто така изјави идека дополнително ќе дават детали за средбата и заклучоците до кои дошле страните.
Рама: Посакувам никој да не го обвини Курти за предавство
Премиерот на Албанија Еди Рама преку социјалните мрежи реагираше за договорот меѓу премиерот Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Uroj që askush të mos e akuzojë Albin Kurtin për tradhëti apo harresë, por gjithkush të kuptojë se kryeministri i sotëm i Kosovës ka bërë gjënë e duhur, duke hedhur një hap të parë me shumë rëndësi drejt daljes nga kurthi i të djeshmes. Hapa të tjerë pasofshin pa humbur kohë!
— Edi Rama (@ediramaal) February 28, 2023
„Посакувам никој да не го обвини Албин Курти за предавство или заборав, туку сите да разберат дека денешниот премиер на Косово ја направи вистинската работа, правејќи многу важен чекор кон излез од вчерашната замка. Нека следат други чекори без губење време!“ напиша Рама.
Османи: Напредокот во нормализација на односите меѓу Белград и Приштина исчекор од интерес на целиот регион
Шефот на дипломатијата Бујар Османи на неговиот официјален Фејсбук профил го поздави напредокот во однос на нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија постигнат на вчерашната средба во Брисел.
-Остварениот напредок вчера во Брисел, во нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија, претставува значен исчекор од интерес на целиот регион. Како непосреден сосед на двете земји охрабруваме натамошни чекори за конечен исчекор што ќе обезбеди стабилност и европска перспектива на Западниот Балкан, изразувајќи ја притоа нашата подготвеност да асистираме и придонесеме на секој можен начин, стои на Фејсбук статусот на Османи.
Аналитичарите за ЦИВИЛ Медиа го коментираа договорот и средбата во Северна Македонија
Кабаши: Формата на имплементација е потешка од согласноста за самиот договор
ЦИВИЛ Медиа разговараше со косовскиот интелектуалец и политички коментатор Беким Кабаши за последните случувања во дијалогот Косово-Србија. Тој во својот одговор рече дека двете страни се победници бидејќи се договориле да го отворат патот за помирување меѓу двете земји.
„До оваа фаза нема победници или губитници. Оценувам дека двете страни се победници, бидејќи се согласија да направат важен чекор напред кон договор кој би го отворил патот за мир и помирување меѓу двете земји и покрај тоа што тој се уште не е потпишан“, рече Кабаши. , подвлекувајќи дека е потешко да се договори делот од анексот во кој ќе се прецизира формата на спроведување на договорот отколку самиот договор.
„Во тој дел, како што знаеме, страните, меѓу другото, ќе треба да се договорат и за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство, што е наведено во точка 10 од договорот. Курти рече дека точките од договорот ќе треба да се спроведат според редните броеви, а не да се даде приоритет на последната точка. Додека пак, српскиот претседател Вучиќ вели дека нема да потпише ништо додека не почне имплементацијата на договорот за Заедницата од 2013 и 2015 година. Од друга страна, меѓународната заедница, а особено Соединетите Американски Држави, продолжија да вршат притисок врз Косово да започне со формирање на Заедницата“, рече Кабаши.
Тој на крајот нагласи дека од сето ова, до сега, се уште не можеме да славиме што страните се договориле да стават крај на споровите меѓу нив, особено кога ќе се земе предвид односот на господинот Курти кон Заедницата, кое пред извесно време објави 6 условни точки за негово формирање.
Неофицијално се дознава дека премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски најверојатно би бил домаќин на средбата помеѓу Вучиќ и Курти, како дел од преговорите Србија – Косово кои се водат под покровителство на ЕУ и САД.
Иванов: Чест е што Курти и Вучиќ ја избраа Македонија за домаќин
Новинарот, воедно и политички аналитичар Зоран Иванов за ЦИВИЛ Медиа истакна дека треба да бидеме горди што Македонија е избрана за место на средбата, со што докажуваат дека имаат верба во заедничкиот сосед.
„Па, на земјава, прво, би требало да и биде чест што Вучиќ и Курти ја одбрале за средба. Со тоа, на некој начин, тие праќаат порака дека имаат доверба во својот заеднички сосед. Второ потврдуваат дека Македонија како држава членка на НАТО е и партнер кој со својата политика нуди и безбедност во регионов“, рече Иванов.
Иванов по натаму вели дека малку е нејасна позицијата на државниот врв за сребата во земјата.
„Малку е нејасна позицијата на македонскиот државен врв кој, може грешам, но мене ми се стори дека на неповикано се нуди за посредништво. А што се однесува до домаќинлукот, па тука еве и оваа средба ќе е добра можност соговорниците со нивните меѓународни посредници, па се надевам по успешните реазговори, да ја пробаат и македонската кујна и нашето гостопримство“.
Што пишува во предлогот за европски договор?
Во првите пет реченици од преамбулата (воведниот дел) на договорот е наведено дека двете страни договорот го склучуваат поради одговорност во зачувување на мирот, посветеност на регионалната и европската соработка, како и надминување на наследството од минатото.
Во воведот се зборува и за свеста на двете страни дека неповредливоста на границите, почитувањето на територијалниот интегритет и суверенитет, како и заштитата на националните малцинства се основа за мирот.
Во членот 1 се зборува за воспоставување на добрососедски односи врз основа на еднакви права, но и меѓусебно признавање на документите и симболите: пасоши, дипломи, регистарски таблички, царински печати.
Членот 2 вели дека двете страни ќе ги почитуваат правилата на Обединетите нации во однос на суверенитетот, почитувањето на независноста, автономијата и територијалниот интегритет, правото на самоопределување, заштитата на малцинските права и недискриминацијата.
Членот 3 ги повикува двете страни да ги решат сите спорови по мирен пат и без закана или употреба на сила.
Членот 4 јасно вели дека Србија нема да го спречи членството на Косово во ниту една меѓународна организација.
Во членот 5 се предвидува Србија и Косово да не се блокираат меѓусебно на патот кон членство во Европската унија.
Во членот 6 се дефинира и продолжување на дијалогот под раководство на ЕУ и по потпишувањето на овој договор, пред се за практични прашања за нормализација на односите.
Членот 7 зборува за правата на српското малцинство на Косово, кои треба да бидат заштитени во согласност со европската практика, правото на соодветно ниво на самоуправа за српската заедница, можноста за директна поддршка и врски на косовските Срби со Владата на Србија, како и заштита на Српската православна црква.
Во членот 8 се наведува формирање на Постојани мисии кои ќе бидат разменети меѓу Белград и Приштина.
Членот 9 ја опишува донаторската и инвеститорската улога на ЕУ и другите актери кои ќе донесат пари во Србија и Косово.
Во членот 10 потписниците се потсетуваат на обврската да го исполнат сето она што беше претходно договорено во дијалогот, но изрично не се споменува формирањето на Заедницата на српските општини, договорено во Бриселскиот договор од 2013 година.
Конечно, членот 11 е она што целосно недостасува: патоказ за имплементација на претходните десет члена од договорот.
Назми Абдурахмани