Нова рубрика „Брза пошта“ – Вашите мисли и опсервации, жолти и црвени картони, кратки белешки и пораки, отсега во брза пошта. Останете гласни!
Цивилмедиа.мк воведува нова рубрика – „Брза пошта“, каде што авторките и авторите можат да ги овековечат своите мисли, белешки и пораки. Во трката со времето, често се нема време за пишување долги и елаборирани коментари и анализи, а потребна е брза реакција. Затоа, Редакцијата одлучи да отвори таков простор кој може да послужи и како своевидна комуникациска алатка, размена на мисли и пораки, но и вовед во пошироки анализи и мислења.
НАСТАНИ
СРЕДБА: Претседателот Стево Пендаровски, денеска, ќе го прими претседателот на Република Албанија, Илир Мета, кој е во посета на Република Северна Македонија. Средбата ќе се одржи во кабинетот на шефот на државата.
Претседателот Мета е во работна посета на земјава на покана од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците. Како што соопштија од оваа јавна национална установа, Мета во Скопје во просториите на Институтот, денеска, треба да одржи предавање на тема „Албанците во новиот милениум – предизвици и перспективи“.
МАНДАТ: Мандатарот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски денеска до Собранието треба да ги поднесе новиот состав на Владата, како и владината програма, откако по синоќешните седници на Извршниот и Централниот одбор на СДСМ ги објави имињата на членовите на владиниот кабинет.
За вицепремеир за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси е предложена Славица Грковска, поранешна пратеничка на СДСМ, за вицепремир задолжен за економски прашања коориднација на еконсмките ресори и инвестиции – актуелниот Фатмир Битиќи, за вицепремир за европски прашања е предложен Бојан Маричиќ, досегашен министер за правда.
За министер за одбрана е предложена Славјанка Петровска, пратеничка во СДСМ, поранешен заменик министер за внатрешни работи во техничката влада, за министер за внатрешни работи – актуелниот Оливер Сапсовски, за министер за правда проф. д-р Никола Тупанчевски од Правниот факултет во Скопје, за министер за земјоделство Љупчо Николовски, кој и порано раководеше со овој ресор.
За министер за труд и социјална политика – Јована Тренчевска – директорка на Државниот инспекторат за труд, за министер за култура Бисера Костадинова-Стојчевска, актуелна пратеничка на СДСМ и претходно порофесор на Педагошкиот факултет при Универзитетот во Битола. За министер за транспорт и врски е предложен актуелниот Благој Бочварски. Од сите нив Ковачевски, очекува максимално посветена работа во интерес на граѓаните и остварување на ветеното.
КОМИСИЈА: Претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски за денеска свика состанок на Комисијата на која ќе се разгледува епидемиолошката состојба во земјава. На денешниот состанок, членовите на Комисијата ќе разговараат за деновите за изолација, односно за решенијата кои ги издава Државниот санитарен и здравствен инспекторат за лицата кои се позитивни на Ковид-19. Ќе се разгледува можноста да се скрати времето на изолација за граѓаните кои се регистрирани позитивни случаи на вирусот, но можно е да разгледаме и некои други опции кои ќе се однесуваат на повеќе категории-вакцинирани, невакцинирани, симптоматски случаи и така натаму.
СЕДНИЦА: Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи 132-та седница. На дневниот ред на седницата е предвидено да се најдат Предлог-програмите за изградба и реконструкција на основни училишта и средни училишта за 2022 година, како и информацијата за преземени активности во однос на обврските од иницијативата Отворен Балкан.
ЗЕЛС: Претседателството на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) денеска ќе информира за заклучоците од втората седница на Управниот одбор на ЗЕЛС што се однесуваат на разрешување на предизвиците со кои се соочуваат општините, предизвикани од енергетската криза, особено од драстичното зголемување на цената на електричната енергија. Како што е најавено, заклучоците ќе бидат соопштени на прес-конференција што ќе се одржи во административната зграда на ЗЕЛС.
КУЛТУРА: По повод празникот „Василица“, на 12 и 13 јануари во Националната опера и балет (НОБ) ќе се одржи традиционалниот гала оперски концерт „VIVA L’OPERA!“.
Традицијата е востановена пред повеќе од 25 години, а како што информираат од НОБ, оваа година публиката ќе има можност да ужива во изведбите на едни од највпечатливите арии, дуети и хорски делници од светски познатите оперски дела од композиторите Моцарт, Белини, Делиб, Пучини, Верди, Џордано, Леонкавало, Калман, Лехар.
Диригенти на концертот ќе бидат Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ, режисер Дејан Прошев, ќе настапат оперските уметници Весна Ѓиновска – Илкова, Сандра Митровска, Наде Талевска, Ѓорѓи Цуцковски, Марјан Јованоски и Александар Стефаноски с, придружувани од хорот и оркестарот на Национална опера и балет.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев