Дека царскиот режим во Бугарија ѝ се придружи на фашистичката оска за време на Втората светска војна е неспорен историски факт. Дека нема народ кој може, а уште помалку треба да биде доживуван и именуван како „фашистички“, „комунистички“, „социјалистички“ или „демократски“, е уште помалку спорен историски, а и здраворазумски факт. Инаку, Германија не би можела денеска да биде една од најдемократските држави во светот, а го „породи“ најтоталитарниот режим во историјата на модерната цивилизација, токму пред и за време на таа Втора светска војна. читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Што ќе пишува на споменикот на Заев?”
Нормалното општество живее во сегашноста, со поглед свртен кон иднината. Таа не изгледа секогаш светла, но сегашноста е таа во која иднината може да се направи подобра отколку што изгледа.
А како изгледа сегашноста на едно нормално општество? Сегашноста на нормалниот свет денес го одбележува грижа за луѓето без оглед на нивното потекло, припадност, род, сексуална или друга ориентација. Почитувањето на човековите права и слободи е нормално, сосема нормално. Исто толку, сегашноста е засегната со животната средина. Иновации, технолошки напредок, интернет, комуникации и мобилност – тоа е сегашноста, пишува Џабир Дерала во својот нов едиторијал „Нормално”.
ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ:
– Централен настан на караванот „Најдоброто за мојата општина“ на СДСМ во Битола и претходно средби со граѓани на Демир Хисар.
– ВМРО-ДПМНЕ ја почнува изборната кампања „Создади нова иднина!“ во Охрид.
– Демократската унија за интеграција (ДУИ) ја почнува изборната кампања во Гостивар.
– Прес-конференција на Твоја партија во Скопје
ПРЕС КОНФЕРЕНЦИИ: ЦИВИЛ почнува серија прес-конференции под заеднички наслов „Изборен рапорт“ на Фејсбук и Јутјуб-канал на ЦИВИЛ со почеток во 11:00
СОСТАНОК: Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери ќе учествува на Десеттиот состанок на претседатели на парламенти на земјите од Западен Балкан, во организација на Националното собрание на Република Словенија.
МАНУ Македонската академија на науките и уметностите по повод 30 години независност организира дводневен свечен научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991 / 1991-2021 година“ на кој се најавени обраќања на актуелниот претседател на државата Стево Пендаровски, поранешните Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов и претставници од кабинетите на првиот и вториот претседател, Киро Глигоров и Борис Трајковски
ФОРУМ: Охридски безбедносен форум (вебинар) на Маршал-центар, Алумни асоцијацијата во Република Северна Македонија, на тема „Западниот Балкан по коронавирус кризата: евроатлантската перспектива“.
МОНИТОРИНГ: Остануваат уште 4 дена до истекот на крајниот рок за аплицирање за краткорочни изборни набљудувачи на ЦИВИЛ. Крајниот рок за пријавување е 30 септември, до 17 часот. Од организацијата информираат дека е доволно да се аплицира само еднаш и дека сите што аплицирале, без исклучок, поединечно ќе бидат информирани дали нивната апликација е прифатена или не.
Постапката за селекција на апликациите ќе трае најдоцна до 3 октомври, а веднаш потоа ќе се одржат и семинари за обука, соодветно на ситуацијата со КОВИД-19.
Сите останати информации и линкови во врска со овој повик на ЦИВИЛ може да се најдат во текстот под наслов Во тек е повик за изборни набљудувачи на ЦИВИЛ, објавени и одговори на новите прашања од набљудувачите.
КОМУНИКАЦИЈА: Редакцијата ги повикува граѓанските организации и други заинтересирани субјекти да ги испраќаат своите соопштенија, најави за настани и активности, секој ден, најдоцна во 8 часот наутро, за да се најдат во утринскиот преглед на најави на нашата медиумска платформа. Се разбира, прилозите пристигнати по тој термин, исто така, ќе бидат земени предвид за објавување.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев