ЏАБИР ДЕРАЛА
Што е нормално општество? Тоа е општество дефинирано според својата сегашност и иднина, а не според минатото и историјата.
МИНАТОТО ОСТАНУВА – ВО МИНАТОТО
Во нормалното општество, минатото е оставено таму каде што му е местото – во минатото. Историјата, без оглед на тоа како е напишана, колку и да е лош ракописот на историографот, како и да му диктирал победникот со крвавата сабја во кориците – едноставно – минатото е минато. Ако се повикува минатото, се повикуваат и сеништата, грдите слики и постапки стануваат сегашност, а општеството паѓа болно и се распаѓа.
Тоа не значи заборав (прочитај подолу, но не скокај преку редови).
ЖИВОТ ВО СЕГАШНОСТА, ПОГЛЕДОТ КОН ИДНИНАТА
Нормалното општество живее во сегашноста, со поглед свртен кон иднината. Таа не изгледа секогаш светла, но сегашноста е таа во која иднината може да се направи подобра отколку што изгледа.
А како изгледа сегашноста на едно нормално општество? Сегашноста на нормалниот свет денес го одбележува грижа за луѓето без оглед на нивното потекло, припадност, род, сексуална или друга ориентација. Почитувањето на човековите права и слободи е нормално, сосема нормално. Исто толку, сегашноста е засегната со животната средина. Иновации, технолошки напредок, интернет, комуникации и мобилност – тоа е сегашноста.
Нормалното општество се дефинира себеси низ напредок, стабилност, спокој и достоинствен живот, се гради како заедница на обични луѓе, колку и да се необични и посебни, секој на свој начин.
ЕДНАКВОСТА Е ОБИЧНА И НОРМАЛНА
Нормално општество е она во кое е вообичаено да се бара и да се добие еднаквост по сите основи. Тоа е вистинскиот збор – вообичаено е. Еднаквоста е обична и нормална. Никој не паѓа во несвест кога некој бара еднаквост, рамноправност. Обратното од тоа е невообичаено и ненормално. Да, сѐ уште зборуваме за нормално општество…
Нормално општество е и она во кое брачната заедница не ја определуваат верските догми за маж и жена, колку и да не му се допаѓа тоа некому. Па така, нормалното општество ги прифаќа и истополовите бракови, како и оние етнички и расно мешаните.
Во нормалното општество има солидарност, разбирање и дијалог. Колку и да не се согласуваат луѓето меѓусебно, колку и да се лути противници по идеолошка или друга основа – сите заедно сакаат да живеат во нормално општество.
ИДНИНАТА – КАКО СЕГАШНОСТА, САМО ПОДОБРА
Иднината? Во контекст на кажаното за сегашноста, иднината е сè што е во сегашноста, само повеќе, подобро, поздраво и… уште понормално.
ОДГОВОРНОСТ ЗА МИНАТОТО, ЛЕКЦИИ ЗА СЕГАШНОСТА И ИДНИНАТА
Да не се разбереме погрешно. Во нормалното општество, минатото е (о)ставено таму каде што му е местото – во минатото, но тоа не значи заборав. Одговорноста и учењето лекции, и добри и лоши, од минатото, тоа е задача на институциите на сегашноста во нормалното општество. Одговорноста за лошите одлуки и сторените злодела се подразбира и во сегашноста и во иднината на едно нормално општество.
Мора да има одговорност за минатото, не одмазда, туку одговорност. Тоа се лекции за сегашноста и иднината.
НОРМАЛНИ ИНСТИТУЦИИ… АМА НОРМАЛНИ!
Институциите во нормалното општество не се совршени, но се трудат да бидат професионални, натпартиски, деполитизирани. Тоа е нормално. Исто како што е нормално очекувањето во институциите да владее правична застапеност и висока одговорност и чест. Институциите имаат задача да го одржат општеството нормално. А нормалното општество ги контролира и ги критикува или ги фали. И постојано ги јакне, да бидат подобри и независни. Нормални.
КОЈ (НЕ) ЈА ГРАДИ ПОЛИТИЧКАТА КУЛТУРА?
Во нормалното општество има одговорни медиуми и образовни институции. Тие ја градат политичката култура и ги негуваат вредностите. Не политичките профитери и идеолошките или верските крвопијци, не Фејсбук и Твитер „мудреците“, туку институциите во кои работат разумни, способни и професионални луѓе.
НЕНОРМАЛНО
Ете, така изгледа едно нормално општество. Така изгледа нормалноста во која сите „нормални“ и „ненормални“ луѓе живеат со почит едни кон други. Без отров. Без страв. Во извесност дека основните потреби и јавни услуги ќе бидат обезбедени навремено и квалитетно, дека општеството и институциите се грижат за секој поединец. Со недоразбирања и препирки, со голем број проблеми, но и сослушување на оние што нудат решение. Нормално општество без омраза и злосторства против оние што се поинакви.
Звучи ненормално сево ова, знам. Но и тоа е нормално.