Министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска оствари средба со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во рамки на неговата прва официјална посета на Република Македонија.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја потврди политиката на отворени врати на НАТО, го изнесе својот позитивен впечаток од демократскиот развој во земјата, искажувајќи поддршка за реформските процеси на Владата на Република Македонија. Воедно, Столтенберг изрази и охрабрување да се искористи позитивниот моментум на земјата со цел реализација на нејзината евро-атлантска аспирација, соопштува МНР.
Министерот Димитров, пак, нагласил дека посетата на Генералниот секретар на НАТО е од круцијално значење за Република Македонија и претставува силно охрабрување за нашите напори 2018 година дабиде историска година за земјата како и за регионот, а воедно изрази голема благодарност за континуираната поддршка за евро – атланската интеграција на Република Македонија и очекување за позитивен исход од претстојниот Самит на НАТО во јули оваа година.
Тој исто така ја потврди и одлучноста и политичката волја на Владата за навремено и ефикасно реализирање на реформските процеси и унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка – „Членството во НАТО за Република Македонија значи стабилност за земјата и за регионот” – истакна министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров.