Кривичниот суд повторно ги одби „бомбите“, како доказ во случаите на СЈО – „Тендери“, „Топлик“ и „Тортура“. Според образложението од списите на предметот, се издвојуваат доказите предложени со листата на обвинението, и тоа аудиоснимки од телефонски разговори, како докази прибавени на незаконски начин, со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот. Против овие неправосилни решенија, СЈО има право на жалба во рок од три дена до Апелациониот суд во Скопје.
Со овие одлуки на Кривичниот суд, всушност, се прифаќа барањето на одбраната на обвинетите во трите случаи.
Во случајот „Тендери“ обвинета е ексминистерката за култура, Елизабета Канческа Милеска, за малверзации со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, што е дел од проектот „Скопје 2014“.
За случајот „Топлик“ осомничени се шест лица од Министерството за транспорт и врски за изградба на „Сончев град“.
Случајот „Тортура“ се однесува на апсењето на Љубе Бошкоски, поранешен министер за внатрешни работи.
Апелациониот суд ги прифати „бомбите“ како докази за случаите „Триста“ и „Шлаканиците во Центар“.