Во интервјуто на ЦИВИЛ МЕДИА со д-р Арбен Таравари, лидер на Алијансата за Албанците, стана збор актуелната политичка состојба во земјата во контекст на изборите и пошироко. Меѓу другото, тој говореше за опасностите со кои се соочува земјата поради опозициската блокада на евроинтеграцискиот процес и националистичките наративи со кои се користат антиевропските политички партии.
„Наративот што се користи од одредени македонски политички партии е разочарувачки“, вели д-р Таравари.
Тој предупреди дека, иако националистичките наративи ги нема кај албанските партии, нема гаранции дека тоа нема да се случи во иднина.
„Јас сум многу горд што, барем досега, кај албанските партии не постои таков наратив. Меѓутоа, нема никаква гаранција дека, по шест месеци или по две години, ваков наратив нема да создаде некаква реакција на поинаков наратив и да се отвораат теми кои можеби ќе бидат тешки за разговор, меѓутоа не се табу ниту тие теми“, рече нашиот соговорник, меѓу другото.
Според Таравари, земјата се соочува со опасност од влегување во сѐ подлабока криза и дека се потребни тие 80 гласови за уставните промени. Тој не ја крие својата надеж дека по изборите, Севена Македонија ќе добие влада што ќе ја води земјата кон ЕУ.
„Би сакал, барем по изборите, какви и да бидат резултатите, да имаме Влада која ќе го продолжи одот кон ЕУ“, рече Таравари.
Со д-р Таравари разговаравме и за неколку други теми, како што се заканата од дезинформациите, како и за националистичките наративи чија експанзија се бележи во овој предизборен период.
Џ. Дерала