Членовите на Државната изборна комисија едногласно решија да ги вратат четирите дополнителни плати кои, како што велат – „законски им следуваат заради прекувремена работа и стресните моменти“.
Членот на СДСМ, Виолета Дума рече дека од 2013 година Собранието има донесено закон за плаќање на дополнителната работа на членовите и службениците на ДИК. Таа не се чувствува виновна, бидејќи прекувремено и заслужено ги заработила парите, но сепак нема да ги земе.
„Парите ќе ги вратам во буџетот или ќе ги донирам на тие што ни посакаа зло, на нив да им се најдат“, истакна Дума.
https://www.facebook.com/civil.mk/videos/1488282967956834/
Членот на ДУИ, Субхи Јакупи, истакна дека со никакви пари не може да се плати стресот што го трпел изминативе години.
Еднаш бев киднапиран па морав и со обезбедување да доаѓам и да си одам од работа. Моите деца ме чекале до 5 сабајле да видат дали ќе си дојдам дома. Не ми се интересни веќе парите, бидејќи мојот труд не се цени. И јас ќе ги вратам парите како колегите, рече Јакупи.
Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Срцев се зачуди зошто на ДИК му вперија прст, како школски пример за корупција.
„Сум донирал цела плата за поплавите и ќе ги донирам и овие четири плати бидејќи на моето семејство не му требаат пари за свеќи и за пченица“, потенцираше Срцев.
Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски заклучи дека нема законска пречка за добивањето на четирите плати. Тој прифати одговорност дека требаше да бидат потранспарентни и да одговараат на барањата на информациите од јавен карактер.
Барам правни можности да ги вратам парите во буџетот, или да ги донирам на организации кои се бават со изборите, или на здруженијата кои се бават со лицата со хендикеп“, додаде Чичаковски.
Членовите на ДИК посочија дека во изминатиов период работеа под стресни и напнати ситуации. Тие ги прашаа присутните дали некој сакаше да биде на нивно место кога пред ДИК се собрале ијладници граѓани кои сакаа да ги линчуваат. Сепак, иако им следуваат парите што си ги доделија тие ќе ги вратат или донираат.
На прашањето на новинарите зошто амбасадорот на САД, Џес Бејли излегол со таква изјава, одговорот беше дека не знаат, можеби се дезинформации, ќе го прашаат и дали им е лут.
За крај, Чичаковски изјави дека не дека не биле транспарентни, туку очигледно не биле доволно и за тоа прифаќаат одговорност.
Дехран Муратов
Фотографија и видео: Биљана Јордановска