Кина испратила десетици илјади пратки до руски компании од почетокот на инвазијата кон крајот на февруари минатата година, објави британски Телеграф. Истражувањето на Телеграф покажа дека Кина помогнала во снабдувањето на руската војска со хеликоптери, дронови, оптички нишани и основни суровини. Трговијата меѓу Москва и Пекинг е на пат да достигне рекордно ниво од над 200 милијарди долари оваа година.
Информациите се спротивни на тврдењата на Кина за неутралност и нејзините ветувања дека нема да доставува оружје ниту на украинските, ниту на руските сили. За потсетување, Кина сакаше да ја преземе главната улога во мировните преговори, а сега е објавена информација дека континуирано ја поддржува Русија.
Според Телеграф, кинеска компанија испратила 1.000 беспилотни летала во Русија во месеците пред инвазијата во февруари 2022 година. Компанијата се опишала себеси како „продавач на големо за детски играчки“ и ги испратила беспилотните летала на руска компанија која лажно тврдела дека таа е исто така продавач на играчки. По почетокот на инвазијата, кинеските компании продолжија да и доставуваат воена помош на Русија, вклучително и турбомлазни и ракетни навигациски системи кои минуваа низ Индија и Костарика, објави Телеграф.
Стоките што ги извезува Кина се официјално класифицирани како „стоки за двојна употреба“, што значи дека имаат и невоени апликации. Оваа класификација и овозможува на Кина да избегне меѓународни санкции и да ја задржи илузијата дека не и дава воена помош на Русија, пишува британскиот весник.
Во фактурите за пратки на оптички нишани, кои се прикачуваат на оружје за полесно нишанење, пишувало дека станува збор за „ловечки уреди“. НАТО и САД рекоа дека Кина ќе се соочи со тешки последици ако и обезбеди воена помош на Русија.
Истражувањето на Телеграф откри податоци за трговија од Кина кои покажуваат дека Пекинг сега е „клучен спас“ за Русија во услови на парализирачките економски санкции.
Г. Т.