ВЕСТ НА ДЕНОТ
Почна четвртата рунда руско-украински преговори
Претпладнево почна четвртата рунда преговори меѓу украинската и руската делегација, што денеска за првпат ќе се одржи преку видео врска, напиша на Твитер, Михаил Подољак, еден од украинските преговарачи и советник на претседателот Зеленски..
Четвртата рунда преговори меѓу Русија и Украина започна на 14 март. Комуникацијата е тешка, но функционира, коментираше Подољак.
Причината за разликите е тоа што страните имаат многу различни политички системи. „Украина е за слободен дијалог во општеството и задолжителен консензус. Русија е за ултимативно потиснување на сопственото општество“, објасни Подољак.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Оружје и санкции. Ова е тоа што може да направи меѓународната заедница. Оружје за Украина, санкции за Русија. Ние сме многу отворени – ни треба значително зајакнување на нашите воздухопловни сили. Најдоброто што НАТО алијансата и НАТО државите можат да го направат е да и обезбедат на Украина борбени авиони што ќе ни овозможат да ја балансираме ситуацијата на небото. Затоа што најмногу страдаме од бомбардирањето на нашите градови од небото. Ова е најдобрата и најпотребната поддршка“, изјави украинскиор шеф на дипломатијата, Дмитро Кулеба како одговор на прашање од ЦИВИЛ Медиа – Што може, а не прави меѓународната заедница и НАТО за да ѝ пружи помош на Украина во борбата против руската агресија и бруталниот напад врз цивилното население? на денешниот брифинг со медиумите што го пренесуваше и Ројтерс.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Една од трудниците повредена во воздушниот напад на породилиште во Мариупол на 9 март почина заедно со нејзиното неродено дете.
„Првата трудница на видео/фото извештаите од местото на бомбардирањето на детската болница број три во Мариупол (породилна болница), која ја носеа на носилки, не преживеа. А нејзиното неродено дете не преживеа“.Друга жена, Маријана Пидурска, чии фотографии исто така се направени за време на гранатирањето на породилиштето во Мариупол, е жива и на 10 март родила девојче.
Две лица загинаа при руското гранатирање на станбен блок утрово во Киев.Телата на две лица се пронајдени во станбен блок од девет ката. Три лица се хоспитализирани. На самото место им била укажана лекарска помош на девет лица“, објави на Фејсбук Државната служба за итни случаи на Украина.
Руската војска изврши ракетен напад врз градот Краматорск, регионот Доњецк, при што загинаа најмалку две лица. Според Канцеларијата на јавниот обвинител наУкраина, заклучно со 14 март 2022 година, во Украина се убиени вкупно 90 деца, а повеќе од 100 деца се ранети поради руската вооружена агресија. Најмногу жртви се регистрирани во регионот на Киев, регионот Харков, регионот Доњецк, Чернихив, Суми, Херсон, Миколаев и Житомир.
Руска граната погоди приватна куќа во градот Дерхачи, регионот Харков, при што загина 15 годишно девојче, додека дека едно лице загина, а шестмина се повредени откако остатоци од ракета паднале на пат во киевскиот кварт Куренивка.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИНТЕГРАЦИИ Коментирајќи ја изјавата на Борел дека „не може да вети датум за почеток на преговорите на Северна Македонија“, Маричиќ рече дека клучот за решение е меѓу Скопје и Софија, а Брисел може само да помогне и да даде поддршка на тој процес. Според Маричиќ, многу поважно е да се дојде до решение за проблемот со Бугарија.
ПРЕГОВОРИ Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ и потпреседател на ЕК Жосеп Борел изјави дека не може да вети датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, но, како што истакнува, ветува волја, а каде има волја, има и начин.
КРИЗА Има повеќе од доволна количина на брашно во државата, млиновите имаат задоволителна количина на залихи за да ги покријат потребите на домашниот пазар. Нема никаков простор да се создава паника кај граѓаните за непотребно купување на брашно, имајќи во предвид дека сите количини на брашно кои и се потребни на државата ги имаме во моментот, кажа министерот за економија Крешник Бектеши по денешната посета на млинот „Kokrra e Artë” во Порој, Тетово, соопштува владината прес служба.
АКТИВИЗАМ Активисти денеска зазедоа вила во Лондон што е поврзана со рускиот олигарх Олег Дерипаска, истакнувајќи дека имотот ќе се користи за поддршка на украинските бегалци. Активистите развиориле украински знамиња и транспарент, на кој пишувало „Имотот е слободен“ на балконот на вилата на Плоштад Белгрејв број 5, каде главно се сместени странски амбасади и куќи на богаташи од целиот свет.
КОНТРАСПИН Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 7 март во гостување во ТВ21 се согласи со својот украински колега дека „руската нафта е крвта на Украина“, додавајќи дека „купувањето руски гас ја финансира руската армија“. Сепак, иако бил информиран за точниот ден на руската инвазија на Украина, министерството со кое раководи тој, само еден ден пред инвазијата купило гориво од руска компанија во земјата, поточно „ЛукОил
СРЕДБА Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, кој со средбата со претседателот ја отпочна посетата на Северна Македонија.
ГРАЃАНСКИ АКТИВНОСТИ
Во фокусот на ЦИВИЛ – „Мултикултурализам: Основа за развој, стабилност и почитување на човековите права и слободи“
ЦИВИЛ продолжува со серијата онлајн настани насловени „Во Фокусот“, овој пат на тема „Мултикултурализам: Основа за развој, стабилност и почитување на човековите права и слободи“. Настанот ќе се одржи во четврток, 17 март, со почеток во 13: 30 часот.
На панелот ќе се отворат прашања за еднаквата основа за развој во различни сфери и аспекти, како што е застапувањето, образованието, вработувањата и слично, како да се креира и да се задржи таа еднаква основа, врз која се гради стабилноста на едно општество во сите аспекти. Со еднаквата основа за развој се почитуваат и човековите права и слободи, и се негува мултикултурализмот во нашето општество. Учесниците ќе имаат можност да дискутираат за сите овие прашања, онлајн или со физичко присуство, а настанот ќе биде емитуван во живо на онлајн каналите на ЦИВИЛ.
МРЕЖА
Светот има проблем со лажните вести и со дезинформациите. Се измислуваат различни алатки за нивно намалување, за проверки, за подобро информирање. Затоа што информацијата е суштински дел од практикувањето на човековите права. Режимот на Путин има разработено машинерија за производство на лажни вести која е платена со државни пари и има ставено забрана на ширење на информации. Постои апсолутна забрана на критика на власта, оспорување на активностите на власта, повикување на одговорност на власта, кривично гонење на високите функционери во власта. Во Русија е забранета е било каква опозиција. Таква е ситуацијата, пишува Проф. Мирјана Најчевска во Фејсбук објавата „Русија во моментов не е во судир со Америка, туку со целиот демократски свет“
СЛОБОДНА ЗОНА
Во „Патриотската војна“ на Наполеон да ја освои Русија велат дека француската Гранд Армѐ во тој грандиозен воен дебакл загубила, меѓу другото, 150-200 илјади коњи… Некои економски проценки тврдат дека и само заради тоа, дури и без да се земат предвид големите човечки и огромните материјални загуби, Франција не можела барем половина век да си дојде на себе, пишува Сашо Орданоски во колумната „Путиновата битка за Киев ќе биде како онаа кај Бородино за Наполеон“
Чудно е како сите оние сцени на бесот и разулавеноста на богот Марс во Украина се уште ја одржуваат силната пропутиновска духовна зависност на дел од обичниот народ и на значаен дел од т.н. интелектуалци во земјава? Се одвива ли паралелна војна меѓу два света во форма на пресметка, засега вербална, меѓу приврзаниците на автократијата и тиранијата на Истокот со западните политички вредности? Да не заборавиме – немаме примери да има војни меѓу демократски држави. Треба барем една од завојуваните да е синоним на самовластие, пишува Љубомир Костовски во анализата „Одново се поделивме бидејќи веќе бевме поделени“
Д.Мишев