пишува: ВОЈО МАНЕВСКИ
Империите се политички стабилни сѐ додека се шират територијално или според влијанието на светската сцена. Кога ја губат силата или интересот за проширувањето, почнуваат да се јавуваат внатрешните спротивставености што експанзијата ги потиснувала. Следува стагнација и процес на фрагментација на нејзините сили што се завршува со постепено исчезнување како империја.
Е. Борза, историчар од Универзитетот во Чикаго
САД се можеби специфична држава според своето настанување и раст, но се несомнено империја што својот врв го достигна кон крајот на минатиот век и првите две децении од новиот милениум. Можеби некому терминот империја не му се допаѓа, но според политичката, воената и економската моќ во последните седумдесет години, тие се светска империја. Се разбира, со свои специфичности што ги условувал нејзиниот постанок и развој.
Сликите што пред два дена ги гледавме од Вашингтон, за многумина од помладите генерации изгледаа просто неверојатно. Американски граѓани што секаде по светот се симбол за демократски начин на избор на своите претставници и претседатели, насилно влегуваат во Конгресот и како во балканска државичка се обидуваат да ги изменат резултатите од изборот. Секако, САД се денес најважна држава на светот и за генезата и последиците од случките од пред неколку дена ќе се дебатира многу и од разни аспекти. Ќе се обидам само да наредам неколку тези од новинарски агол, без претензии за експертност во нив.
САД постојат нешто повеќе од 230 години како уставно организирана држава. По првите три децении на постоење, кога се ослободуваат од прегратката на британската империја и последната војна со неа од 1812 година, имале три степени на развој што ги донесоа на врвот на светската сцена.
Во 1823 година е донесена Монроовата доктрина со која Американците им ставиле до знаење на европските сили дека нема да толерираат колонијално влијание на нивниот дел од светот. Северна, Средна и Јужна Америка се дефинирани како простор каде ќе се шири економската моќ на новата држава што пропагирала слободна трговија без царински препреки. Оваа своја доктрина, САД успешно ја бранеле и при тоа ги растегнуваат своите граници преку целиот континент. При тоа експлоатирајќи го и африканскиот континент, доведувајќи робовска сила на своите плантажи. Стотици тони хартија се испишани како, оние што во потрага по слобода бегаа од Европа и поставувајќи пуратански правила на однесување, истовремено својата економија ја базираа на одземање на туѓата слобода и третирањето на човечки битија како половина или третина личности. Оправдување за бришењето на староседелците низ континентот јавноста го оправдува како несопирлив од на напредокот. Ако не му се придружиш, се велело тогаш и од највисоките интелектуалци, цивилизацискиот напредок ќе те сомеле. Скоро еден милион жртви беа потребни за да се разреши оваа спротивност.
Четиригодишната граѓанска војна резултираше со посилна унија на посебните држави и ги постави основите на идниот економски и политички развој. И во тој период имало дефектни појави при изборот на претседатели. Влегувањето на генералот Захари Тејлор во Белата куќа било проследено со исфрлање на претходните станари кои не сакала еден граничар да седи во неа. Вакви натегања имало и подоцна при изборот на претседателот Полк и подоцна Гарфилд.
Почетокот на дваесеттиот века САД го дочекуваат со силен претседател во ликот на Теодор Рузвелт и најголем раст на индустриското производство на светот. Доларот за прв пат станува разменско средство во меѓународни рамки затоа што гарантирал златна подлога. Американските банки го финансираат француското вооружување по падот на Наполеон III и ја помагаат Третата Република со кредити сѐ до почетокот на Првата светска војна. Американската флота театрално ги обиколува светските мориња, преставувајќи ја својата голема сила.
Вудро Вилсон по Првата светска војна ја промовира САД како партнер со традиционалните сили на Европа во водењето на светските политики. САД се посакувана дестинација на голем дел од светската популација. Слободата на поединецот, демократијата во изборот на политичарите и слободниот пазар се алатки кои САД ја водеа кон водечкото место во светот. И при тој пат знаеја да наидат на големи пречки, но и да ги преминуваат, излегувајќи појаки.
По Првата светска војна и наглиот раст на индустријата, САД навлегоа во големата економска криза затоа што банките, во неможноста да ги наплатат големите кредити со кои се финансираше војната на европските држави, ја срушија берзата и довербата во доларот. Со тоа заврши и владеењето на Монроовата доктрина и пуританските општествени правила. Рамките во кои се развиваше државата станаа претесни.
Френклин Рузвелт и новата политичка номенклатура што имаше светски амбиции ја формулираше концепцијата Њу Дил (Нов договор) и ја извлече земјата од депресијата. Американскиот долар ја напушти златната подлога, а државата можеше да штампа пари според зацртаните политички цели.
По Втората светска војна, силните САД ги заменија европските колонијални сили на политички и пред сѐ економски план. И во тој процес имаше разни појави во демократските процеси на избор на претседател. Противникот на Труман 1947 година прогласи победа, но по два дена мораше да признае дека изгубил.
Во трката со Советскиот сојуз, кој стана главен противник на светската сцена, на политички, економски и идеолошки план, САД и самите се менуваа. Постепено се зголемуваше чувството и потребата за заштита на поединецот со корпус индивидуални права за разлика од колективноста на противничкиот табор.
Појавите како Вотергејт доведоа до етаблирање на силни дипломатски и политички личности предводени од Кисинџер, што ја креираа светската политика за десет, дваесет и повеќе години. Личната претприемчивост и слободата на изборот беа предност што и покрај 30.000 тенка и атомските бомби им даваа предност на САД во времето на студената војна, пред Советскиот Сојуз. Америка повторно беше дестинација на најпаметните и најенергичните личности во светот. Некогаш светските кризи ја намалуваа силата на САД како во време на претседателот Картер, но веднаш се враќаа со иницијатива на технолошки и економски план со постојана политика на рушење на противничката империја на сите полиња. И економско исцрпување и културна супремација.
Претседателот Реган и неговата администрација наметнаа исцрпувачка трка врз противникот, трансформирајќи ја притоа и целата светска економија. Државниот долг нарасна на бројки со многу нули, но тоа не беше загрижувачко поради контролата на најголемите патишта на енергенсите, новите технологии и пред сѐ, воената сила со целиот воено индустриски комплекс.
Додека идеолошката платформа на советскиот блок пропаѓаше, САД изградија неолиберална идеолошка рамка што ќе биде појдовна точка следните 30 години. По 200 години постоење САД прераснаа во глобална империја и единствена супер сила. За себе сметаа дека се предводници на слободниот демократски свет. За време на мандатот на претседателот Клинтон, САД несомнено беа на врвот на својата моќ.
Истовремено со традиционалните политички центри се појавуваше и моќта на мултинационалните компании на кои сите граници им се претесни, доколку ја намалуваат нивната потреба за профит. Дури и големите американски интелектуалци ја оправдуваа ваквата појава со национални интереси.
Вработуваат голем број на луѓе, располагаат со голем финансиски капитал и тие морат да бидат поддржувани од политиката зашто се национален интерес, пишува Бжежински во осумдесеттите. Во целиот овој процес, долгот на САД се зголемуваше со застрашувачка прогресија. Банките растеа и разликата меѓу финансискиот капитал и материјалните добра се зголеми на 3:1. Евтината работна сила плус финансискиот капитал кој мораше некаде да се пласира доведоа до огромни инвестиции во Азија.
Кина се појави на светската економска сцена како растечка сила што еден ден ќе го бара своето место во водството на светските политики а финансирана од американски капитал. Интересно е што неолиберализмот и силината на мулти националните компании доведоа до просечност на политичките репрезенти. Гувернери, конгресмени, сенатори стануваа лица што не се дел од политичката класа што се градеше од крајот на седумдесеттите.
Најбогатата држава, Калифорнија, ја водеше глумецот Шварценегер кој дури и не зборува чисто американска верзија на англискиот јазик. Буш помладиот низ контроверзни избори стана претседател на најмоќната држава на светот и како репрезент на нафтениот бизнис одработи два мандата. Според разни анкети тој е перципиран кака најслаб претседател во последните педесет години. Се менуваше и лицето на самите САД. Нејзината мрежа на железници денес не е во врвот на конкуренцијата. Французите, Кинезите, Јапонците веќе 30 години инсталираат брзи возови, додека САД заостануваат.
Силиконската долина не е веќе единствен центар на новите технологии. Она што се сметаше за суштина на САД, таканаречената WASP супстанца стана несигурна. Учеството на Афроамериканците и Хиспанците во вкупниот број на жители се зголемува. Постепено си го бараат своето место во политичкиот систем. Во армијата на САД тие веќе се над 40% и при тоа не е ретко да се сретнат нивните презимиња и со генералски чинови. Во Белата куќа дојде претседателот Обама како прв претседател со Афроамериканско потекло.
Случаите со полициската бруталност врз Афроамериканци се претвораа во масовни протести. Се формираа здруженија што имаат намера да ја менуваат и превреднуваат историјата. Десет споменика на истакнати генерали на конфедерацијата се срушени. Меѓу нив е и симболот на белата Јужна Америка, генералот Роберт Ли.
Меѓу декадентниот Њујорк и либералната Калифорнија живеат сто милиони Американци од таканаречениот Среден запад. Тие постепено го губат своето влијание врз американскиот начин на живот. Нивните божиќни вечери, пити со јаболка, печените мисирки како традиција сѐ повеќе може да се видат само во холивудските серии од таков тип. На секој втор производ што се носи во САД пишува – произведено во Кина.
Сето тоа доведе до избор на милијардерот Доналд Трамп на претседателското место. Со светла коса и неформално однесување, изгледаше како некој што ќе донесе промени и ќе ја врати старата добра Америка. За волја на вистината, економијата зачудувачки закрепна, започна политика на враќањето на инвестициите од Азија во Америка. Почна да ги рационализира огромните трошоци за военото присуство на американската армија низ илјадниците бази во светот. Неговата неконвенционалност доведе и до нов начин на комуникација со граѓаните на Америка и на светот. За неговите одлуки светот дознаваше преку Твитер пораките. Сè изгледаше надежно до крајот на 2019 година.
Рамките на неолиберализмот станаа препрека за новата политика. Интересите на светските компании се како дух кој е пуштен од шишето. Треба магија за да се врати повторно на старото место. Со децении ќе се дебатира како и зошто се појави корона вирусот. Едно е сигурно, САД и Трамп не се снајдоа најдобро со справување со кризата.
Место предводник во борбата со светската пандемија, САД се повлекоа во своите граници и дозволија простор за размножување на разни теории на заговор, лажни вести и загрижувачка злоупотреба на социјалните мрежи. Се измешаа идеолошките платформи. Демократите подобро се снаоѓаат во остатоците на неолиберализмот, нудејќи мешавина од заштита на човечките права и враќање на патриотизмот во Америка, предлагајќи претставник на политичките елити кои се симбол на американската надмоќ во светската политика – Џозеф Бајден. Републиканците се безнадежно поделени. Ако ја бранат традиционалната Америка, го губат светот. Ако владеат со светот, ги губат Американците. Го изгубија мнозинството и во Претставничкиот дом и во Сенатот и претседателското место.
Судирот на двете претстави за Америка – водач на слободниот свет во кој може да се најде надеж за подобар живот и Америка како образец за посебен начин на живот кој им припаѓа само на Американците, донесоа најголема поделба меѓу граѓаните. Разликите стануваат на моменти непомирливи и со сѐ поголема доза на недоверба. Недовербата се шири и преоѓа врз институциите, резултатот го видовме на изборите и после нив.
Кулминацијата беше насилното влегување во Конгресот и жртвите што се последица на тој чин. Единствена надеж е дека ќе се извлечат заклучоци и ќе се пристапи кон нови политики на градење на нов национален вредносен систем. Сето тоа мора да биде низ демократски постапки и дебати, зашто демократијата не е идеален систем на државна организација, но светот засега не измислил подобар.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.