Мултимедијалниот фестивал „Култура за сите“ што една недела ќе ги информира граѓанките и граѓаните на Штип дека културата не е привилегија само за одредена група на луѓе и дека напротив, таа треба да биде достапна до сите, започнува утре со „Тропската забава“ на отворено, во паркот „8 Септември“ во Штип, со почеток во 20:30 (преку Live Streaming од Key West, KeyBiza Beach од Флорида), со што во ист момент, во различна временска зона, ќе се случуваат две забави во исто време, на два различни континенти.
Горан Трајков, претседател на Здружението на текстилни и кожарски работници „Тивкото мнозинство – Гласно!“, организатор на фестивалот „Култура за сите“, за ЦИВИЛ Медиа изјави дека нивната цел е да ја вратат културата во секојдневието на граѓаните, преку независни културни настани, ослободени од конформизмот на културната понуда во општеството.
ЦИВИЛ – Центар за слобода на Фестивалот ќе учествува со изложба на фотографии „Хјуман Рајс“ на Харалд Шенкер, снимени како дел од проектот „Проговори!“. Во просториите на здружението „Гласно“ во сабота, 22 јули, со почеток во 20:30 ќе бидат изложени 10 фотографии за уметноста и за човековите права.
Б. Јордановска