Караванот на слободата, кој со поддршка на УСАИД го спроведува ЦИВИЛ – Центарот за слобода, стартуваше и официјално минатата недела со скопската промоција во „Менада“. На прес–конференцијата за медиумите, беше најавен проектот, предвидените активности, како и можноста за вклучување на сите оние кои создаваат ангажирана уметност.
Целодневниот мултимедијален настан, кој беше збогатен со видео проекции на тема слобода и човекови права и диџеј-сетови подготвени од тимот на ЦИВИЛ, покрај медиумите, го посетија и голем број уметници – а музичари, поети, актери, сликари, како и претставници на граѓанските организации.
Уметниците и останатите посетители, во разговори со Петрит Сарачини, координатор на проектот, Џабир Дерала, претседателот на ЦИВИЛ, и со останатите членови од тимот, имаа можност да се запознаат со идејата и предвидената програма на настани на Караванот на слободата, како и да дадат поддршка за него преку фото-петиција.
Меѓу присутните, кои изразија интерес за Караванот на слободата беа: Ѓорѓи Иловски од хард кор бендот Smut, Владан Дробицки од Sethstat, Петар Младеновски од Суперхикс, Сеад Хаџиќ од Mooger Fooger, Ирена Ристиќ, актерка и членка на Белизе бенд, Доријан Јовановиќ од String forces, Мирко Попов, како претставник на PMG Kolektiv, поетесите Александра Спасеска, Јадранка Златаноска Ѓорѓиева, Оливера Доцевска и многу други уметници и граѓански активисти, кои демонстрираат желба низ уметност и културата да придонесат кон промоција на слободата и човековите права и активното учество на граѓаните во општствениот живот.
Караванот на слободата, во наредните три месеци, предвидува девет големи концерти во седум поголеми градови во земјава, над 20 помали мултимедијални настани, голем број на работилници, дебати и различни мултимедијални активности кои ќе бидат организирани во повеќе од дваесет градови низ Македонија.
По промоцијата во Скопје, Караванот на слободата беше промовиран во Тетово, Струмица и Прилеп, со прес-конференциии за локалните медиуми и средби со локалните уметници, претставници на истакнати локални граѓански организации, активисти и граѓани кои изразија интерес за учество во проектот или за следење на активностите на Караванот.
Целта на Караванот на слободата е преку влијанието на уметноста и културата да ја разбуди граѓанската свест и да го мотивира и мобилизира граѓанското учество во процесот на донесување на одлуки на локално и национално ниво.
ЦМ