ЦИВИЛ ќе учествува на фестивалот на Цивика мобилитас „Ден на граѓанските организации“ што се одржува по четврти пат, денеска, 25 септември 2021 година, од 10 до 15 часот во Градскиот парк кај „Школка“, во Скопје.
Тимот на ЦИВИЛ ќе има штанд на кој ќе бидат презентирани дел од активностите, а во програмата ќе учествува и со презентација за дезинформациите во јавната комуникација. Посетителите и учесниците се поканети да се информираат за сите активности на организацијата, особено за најактуелните.
ИЗБОРЕН МОНИТОРИНГ На располагање ќе бидат информации за текот на изборниот мониторинг и аплицирањето за краткорочни набљудувачи на локалните избори.
ПРИЈАВУВАЊЕ Исто така, ќе бидат презентирани и начините за комуникација со организацијата, особено преку онлајн платформите за пријавување на изборни нерегуларности, кршење на човековите права и слободи, како и начините за пријавување дезинформации и говор на омраза.
ЗАСТАПУВАЊЕ На штандот на ЦИВИЛ ќе бидат презентирани и актуелните проекти и активности кои се однесуваат на промоција на европските вредности, застапување и јакнење на јавната свест за зелените вредности, како и почитувањето на различностите.
СОРАБОТКА Тимот на ЦИВИЛ ќе биде на располагање да даде информации и предлози за соработка и партнерства со граѓанските организации во повеќе иницијативи на организацијата.
РАБОТЕН АНГАЖМАН Организацијата секогаш има потреба од проширување на тимовите. Заинтересираните се поканети да се запознаат со условите за соработка и работен ангажман во ЦИВИЛ.
ОТВОРАЊЕ Официјалното отворање на настанот ќе биде во 12 часот кога на присутните ќе им се обрати швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Тејада.
ТЕМА Главната тема за годинашниот фестивал е „30 години граѓански ангажман“. Со ова, Фестивалот на Цивика мобилитас се приклучи кон одбележувањето и прославата на 30 години независност на Македонија.
ПРОГРАМА Програмата на Школка ќе започне во 10.45 со Форум театарот на организацијата Рубикон, а потоа Полио плус – движење против хендикеп и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) ќе потпишат меморандум за соработка. Децата од организацијата „Свет на различни а еднакви“ ќе ја изведат претставата „Кум Теодос“. По обраќањето на Амбасадорката, ќе биде промовиран и потпишан Кодексот за граѓански организации.
Паралелни активности – Интерактивно катче
Интерактивна работилница на ЦИВИЛ за дезинформациите во јавната комуникација, Хаемус, информативна работилница, РАЖМ – Лулуди, панел дискусија, ЕПТИСА Регионална канцеларија
Ова е само дел настаните кои ќе се случуваат утре. Повеќе од 90 организации на своите штандови ќе ја презентираат својата работа, а посетителите ќе имаат можност да се информираат за нивните залагања и постигнувања, како и активно да се вклучат во активностите предвидени за тој ден.
Разновидноста на организациите и нивните активности ветуваат интересен ден за сите.