Полицијата во Мјанмар уапси двајца новинари на британската агенција Ројтерјс, соопшти Владата на Мјанмар.
Новинарите Ва Лоне и Кјав Сое Оа известувале за воена акција против припадници на муслиманското малцинство Рохинџи во државата Ракајн, поради што речиси 650.000 луѓе го напуштија Мјанмар и заминаа во Бангладеш.
Во соопштението од Министерството за информирање на Мјанмар, објавено на Фејсбук, се наведува дека новинарите нелегално собирале информации со намера да ги пласираат на странски медиуми.
Министерството, покрај соопштението, објави и фотографија на која се гледа како новинарите се со лисици на рацете.
Како што се наведува, новинарите и двајца полицајци се соочуваат со обвинение на основа на Законот за службени тајни од британскиот колонијален период. Врз основа на тој закон од 1923 година предвидена е максимална затворска казна од 14 години.
Во соопштението се наведува дека новинарите се задржани во притвор во полициската станица во Јангон.
Новинарите на Ројтерс исчезнаа во вторникот, откако беа повикани да се сретнат со полициски претставници на вечера.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.