Во Мариупол, воздушните напади на металуршкиот погон Азовстал не престануваат и продолжуваат престрелките во урбаните области надвор од управниот штаб на централата, вели советникот на градоначалникот на Мариупол, Петро Андриушченко, пренесува Укринформ.
„Воздушните напади врз Азовстал не стивнуваат. Без престан, нападите (на објектите) се повторуваат повторно и повторно, и покрај сите декларации. Единствено е што извештаите за престрелките нагло исчезнаа од медиумскиот простор. Во исто време, урбаните борби повторно се во тек во областа подалеку од управниот штаб на Азовстал – до улицата Украинскохо Козатство (парк Веселка)“, напиша Андриушченко.
Службеникот истакна дека напаѓачите се обидуваат да разберат зошто Путин речиси се согласил на евакуација, додека не ги крие понатамошните планови за Азовстал и украинските бранители.
Како што е соопштено, околу 1.000 цивили и украински војници, вклучително и речиси 500 ранети борци, остануваат во просториите на Азовстал во Мариупол. Украинските власти ги повикуваат Русите да обезбедат итен хуманитарен коридор за евакуација на луѓето од металуршката фабрика.
Руската агресија предизвика една од најразорните хуманитарни катастрофи во Мариупол. Напаѓачите бомбардираа невооружени жители и ја блокираа хуманитарната помош.
Градоначалникот на Мариупол, Вадим Боиченко, претходно изјави дека од почетокот на руската инвазија во градот биле убиени до 20.000 цивили. Според Главната управа за разузнавање на украинското Министерство за одбрана, Русите распоредиле дури 13 мобилни крематориуми во градот додека окупаторите работат на отстранување на телата на убиените цивили од улиците. Напаѓачите ги ставаат луѓето во филтрациони логори за да ги идентификуваат и елиминираат сите потенцијални сведоци на нивните злосторства.
Борбите во Мариупол продолжуваат иако на 21 април, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека вооружените сили на Русија и на Доњецката народна република, го ослободија Мариупол. Според Шојгу, дел од „националистичките“ формации се засолниле во индустриската зона на фабриката „Азовстал“, и дека , на руските војници им требаат три до четири дена, за да ја довршат работата на „Азовстал“.
Истиот дена, чеченскиот лидер Рамзан Кадиров изјави дека руските сили дента, на 21 април, ќе имаат целосна контрола над фабриката за челик Азовстал во Мариупол.
– Пред ручек или после ручек, Азовстал ќе биде целосно под контрола на силите на Руската Федерација, рекол Кадиров во аудио порака.
Шест дена подоцна од прогласеното „ослободувањето “ на Мариупол, сеуште се водат борби во градот и се врши гранатирање на Азовстал.
Се верува дека до денес во опколениот Мариупол останале околу 120.000 цивили.
Подготвил Д.Мишев