Уставниот суд соопшти дека сè уште нема донесено конечна одлука за предметот У.бр.13/2025, кој се однесува на членот 2 од измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување – делот што ја утврдува линеарната исплата на зголемувањето на пензиите.
На 24. седница, одржана на 19 ноември 2025 година, Судот со мнозинство гласови оцени дека постојат сомнежи за уставноста на овој член. Во тек е втората фаза од постапката, во која се прибираат мислења од предлагачите и од носителот на Законот, по што ќе следи конечна одлука.
Судот најави дека јавноста ќе биде информирана кога предметот ќе биде ставен на дневен ред за гласање.
Во однос на прашањата дали постапката се однесува и на сите досегашни линеарни покачувања на пензиите, Уставниот суд појасни дека нема да ги преиспитува зголемувањата од по 2.500 денари исплатени во септември 2024 и март 2025 година. Иницијативата за членовите 3 и 18, кои го регулираа тоа прашање, беше отфрлена на седницата од 19 ноември, бидејќи станувало збор за темпорални одредби кои веќе не се во правен промет.










































