Триесет и едно дете се вратени во Украина откако илегално беа однесени во Русија од територијата контролирана од Москва, објави денеска на социјалните мрежи невладината организација „Спасете ја Украина“ (Save Ukraine).
Денеска пречекуваме уште 31 дете кои илегално беа однесени во Русија од окупираната територија, напиша Микола Кулеба, шеф на невладината организација.
Децата биле однесени во Русија од Харкив (североисточниот дел на Украина) и од регионот Керсон (на југот), наведува организацијата чија главна задача е да се бори против депортацијата на украинските деца.
Според организацијата, децата со патни торби и вреќички пеш ја преминале границата вчера во придружба на роднините, а потоа се качиле во автобус за да го продолжат патувањето.
Кулеба ги пофали „херојските мајки“ кои дојдоа во потрага по нивните деца и рече дека ова е најтешката мисија на организацијата досега.
Една повозрасна жена која тргна по своите две внучиња почина по пат од стрес, изјави Кулеба, објавувајќи на Фејсбук дека Руската служба за безбедност (ФСБ) ги испрашувала Украинките цели 13 часа.
Властите во Кијив проценуваат дека повеќе од 16.000 украински деца се киднапирани и однесени во Русија од почетокот на инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година, а многумина се сместени во домови за деца.
Москва ги негира таквите тврдења и вели дека спасувала украински деца со тоа што ги изнесувала од зоната на конфликтот и подготвувала план за нивно враќање кај нивните семејства.
На 17 март, Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин поради сомнеж дека е одговорен за воено злосторство за незаконско депортирање на украински малолетници во Руската Федерација од окупираните територии во Украина.
Судот со седиште во Хаг, исто така, издаде меѓународна потерница за Марија Лвова-Бјелова, руски комесар за деца, поради слична причина.
Г. Т.