Двојно убиство се случи вчера вечер во Старата скопска чаршија. Од МВР информираа дека во СВР Скопје во 20.11 часот е пријавено дека во угостителски објект во Скопје неколку лица пукале кон Ј. К. и Е.И., кои починале на лице место, и кон А.Т., кој е пренесен во болница за укажување лекарска помош.
Неколку очевидци од настанот за ЦИВИЛ Медиа изјавија дека во близина на кафулето биле убиени две лица, кои според непотврдени информации биле познати од скопското подземје.
Автомобилот на убијците, кои се уште остануваат непознати за органите на прогонот, е пронајден изгорен во периферијата на Скопје, пренесува ТВ21.
Дежурен јавен обвинител заедно со полициски увидни екипи врши увид на лице место во угостителски објект во Старата скопска чаршија.
Од Јавното обвинителство информираат дека според првичните информации, неколку маскирани лица со огнено оружје пукале кон двајцата кои починале на лице место, додека повредениот е пренесен во болница за да му биде укажана лекарска помош.
-Фиксирани се траги на лице место, а јавниот обвинител ги издава сите потребни наредби и насоки со цел да се обезбедат докази кои ќе помогнат за расчистување на настанот и за откривање на идентитетот на сторителите, се вели во соопштението од ЈО.
Полициските екипи веќе неколку часа го обезбедуваат местото во Старата скопска чаршија каде се случи престрелката во која починаа две лица, а едно е повредено.
Пристапот кон Скопското кале и Старата скопска чаршија се блокирани од полицијата.
Н. А.