Јавен настан на ЦИВИЛ за еднаквост на жените
ЦИВИЛ организираше јавен настан „Еднаквост на жените: Длабока хибернација“, како дел од серијата под заеднички наслов „Во фокусот на ЦИВИЛ“. Учесници на панелот се г-ѓа Савка Тодоровска од СОЖМ, Тамила Велковска претставничка на украинската заедница во РСМ, Дороти Пачкова од „Една може“ и Мерсиха Смаиловиќ од Легис.
Панелот е посветен на прашања за институционалниот, државниот и општествениот однос за правата на жените, еднаквоста на жените и нејзиниот декларативен статус, како и причините, дејствијата и можните решенија кога станува збор за статусот на жената во општествено-политичките дискурси.
„Од почеток на војната безброј Украинки доброволно се пријавија да служат во првите борбени линии. Илјадници жени сега во моментот кога разговараме, не само што се борат со окупаторите туку изнесуваат ранети, се грижат во болниците, приготвуваат храна, се убедуваат да ги утешат децата, да ги изнесат луѓето од окупираните територии. За мене не се херои само тие жени, туку и тие што се низ целиот свет кои се обидувааат на секој начин да пружат помош, организираат сместување на бегалци и Украинци што од секаде во светот собираат хуманитарна помош, организраат протести… Нашиот отпор има неверојатно женско лице“, вели Велковска.
„Не можеме да бегаме од една реалност дека сите позции на жената е по партиска линија, освен нели во семејството. Тоа не можеме да го измениме, но можеме да влијаеме на жените во политиката да бидат активни, да бидат вредни, да не бидат „скромни“, да се поставуваат, да бараат да лобираат за позиции коишто сметаат дека можат да ги зевземат“, вели Тодоровска.
„Во одонос на препораки она што „Една може“ постојано го зборува и лобира се квоти. Само кога има квоти за жените од ранливи и маргинализирани категории, на пократки стази, со цел да ги демаргинализираме. Тоа се вика позитивна дискриминација и е алтка која многу европски земји ја користат токму за да ги извлечат различните категории на граѓанки и граѓани од независните позиции во кои се наоѓаат“, додаде Пачкова.
„Меѓународниот ден на жената значи да се излезе од границите на тоа што ние го сфаќаме. Еднаш во колуна објавена на ЦИВИЛ дека феминизмот не припаѓа само на белата жена и дека другите жени го немаат истиот пристап, ниту можност за еднаква, силна, борба каква што е за нас… Жената бегалка во Македонија е постојано настрана од рефлекторите“, додаде Смаиловиќ.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Учеството во која било странска војска, со законските прописи, поточно со Кривичниот законик на земјава, е кривично дело. Воедно сакаме да потсетиме дека Република Северна Македонија во целост ја осудува воената агресија на Русија врз Украина, и тоа соодветно земјава го демонстрира и во ОН, НАТО, ОБСЕ и на сите други билатерални и мултилатерални форуми, велат од МНР.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба објави дека е оштетена единствената линија за напојување на нуклеарната централа Чернобил и сите нејзини нуклеарни постројки контролирани од руската армија. Чернобил е без енергија.
Министерот за одбрана на Украина, Олексеј Резников апелира да не се споделуваат информации за оружјето коешто другите држави ѝ го даваат на Украина. Непријателот не треба да знае што да чека. Нека биде непријатно изненадување за него, вели тој.
Руските напаѓачи оштетија 61 болница во Украина, изјави министерот за здравство Виктор Лиашко во етерот на украинските ТВ канали, пренесува Укринформ.
Во рускиот воздушен напад врз Малин загинаа пет лица, меѓу кои и две деца, во регионот Харков бомбардирани електрани, инфраструктура, станбени згради.
Советот на Европа во заедничка изјава денеска ја осуди руската агресија врз Украина, а реакцијата на раководството е објавена на официјалната веб-страница на Советот на Европа.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ВЛАДИНИ МЕРКИ Дел од пакетот мерки на Владата се намалувањето на повластената стапка на ДДВ за лебот, шеќерот, брашното тип 400, зејтинот, трајното млеко, свежото месо, оризот и јајцата. Се замрзнуваат и маржите за основните прехранбени производи, а се укинуваат и царинските давачки за увозот на основните прехранбени производи. Предвидени се и ваучери во вредност од илјада денари за купување на основните прехранбени производи за три месеци за околу 35 илјади граѓани од ранливите категории.
ХУМАНИЗАМ За Украинците кои пристигнаа во Република Северна Македонија поради војната на територијата на Украина и бараат место за живеење, како и граѓаните на Северна Македонија, кои имаат можност да помогнат во сместување на лица од Украина или да ги сместат бесплатно во своите домови, во функција е страната „Прихисток“ https://prykhystok.in.ua/, соопштуваат од украинската амбасада во Скопје.
РЕАКЦИЈА Од Британска амбасада во Северна Маедонија излегоа со соопштение по повод полемиките кои се појавија во јавноста, проследени со непримерен говор на омраза по социјалните мрежи, по повод посетата на македонската министерка за одбрана, Славјанка Петровска на Обединетото Кралство, каде за време на пречекот од страна на Почесната гарда, во чест на министерката беше отсвирен и сегмент од македонска народна музика, „Јовано, Јованке“.
ИНЦИДЕНТ Четири автомобили се опожарени, меѓу кои и возилото марка ауди Q3 на сопругата на поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов.
КОВИД МЕРКИ Владата ги укина ковид-сертификатите за влез во молови и за излез од државата. Се укинува и одлуката со која бремените жени се ослободуваат од работа и работни обврски со физичко присуство на работното место. Истовремено Владата ја прифати и препораката бремените жени да се вакцинираат.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Деновиве мора да е тешко да се биде руски дипломат во поголемиот дел од светот. Не само затоа што и тоа се луѓе кои имаат совест, веројатно распната помеѓу, од една страна, агресивната официјална политика на Кремљ и сопствениот патриотизам; и, од друга страна, реалните информации за случувањата во Украина до кои тие – за разлика од нивните сограѓани во Русија, „поклопени“ од интензивните манипулации на суровата државна пропаганда на Путин – ги имаат на слободно располагање во земјите во кои се на служба… Туку и поради комплетната затеченост од развојот на состојбите во кои и самите се најдоа“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Осамениот руски амбасадор во Скопје“.
„Ние навистина ја гледаме и чувствуваме солидарноста на светот. Благодарни сме за неа. Гледаме дека светот му се восхитува на нашиот народ, на нашата армија, на нашиот Претседател и тоа не исполнува со гордост. Но, за да се запре Путин потребни се решителни и итни чекори. Ни требаат борбени авиони. Ни треба ефикасна противвоздушна и противракетна одбрана. Ни треба заштита на нашето небо за да го запреме убивањето на цивили од руски авиони и ракети“, пишува Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина, во колумната „Светот може да направи повеќе за да ѝ помогне на Украина“.
„Да се бара слобода, правда и демократија е возвишена човечка должност и одговорност, не предавство. Да се тепа, мрази и брани криминалот – тоа е предавство!“
За мирот како императив се воспитуваат генерации. За мирното решавање на конфликти се учат методи. Мирот носи просперитет и благосостојба. Но мирот мора и да се чува и тоа ненаивно туку решително. А дел од оние кои наштетуваат и го нарушуваат мирот се најчесто диктатори, автократи и се сметаат за незаменливи властодршци и истите најчесто завршуваат или на буниште, или во егзил или на суд за злосторства против човештвото и остануваат запишани во историјата за зло кое што не би сакале да се повтори“, пишува Стевче Дечев во колумната „Или мир или нова Октомвриска револуција!“.
УМЕТНОСТА И ПРКОСИ НА ВОЈНАТА
Денес во Киев, кој е под постојани напади од руските агресорски сили, се одржи уметничка акција Отворено небо / Бесплатно небо, на која Оркестарот Киев-Класик свири класични дела на концерт на Плоштадот на независноста како поддршка на повикот на народот и претседателот на Украина до светските лидери да го затворат небото.
Д. Муратов