ВМРО-ДПМНЕ и Левица на денешната собраниска седница реагираа со обвинување до Џафери дека постапил незаконски и се ставил во улога на уставен судија со отфрлањето на иницијативата за Референдум.
Претседателот на собранието на обвинувањата одговори дека негова улога не е само да ја следи формата туку и суштината на иницијативите.
Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека отфрлањето на иницијативата за референдум од Џафери е незаконска и правно неиздражана. Според нив Џафери го приватизирал Собранието и покажал дека власта се плаши од народот.
Од партијата Левица најавија кривична пријава против Џафери, додека ВМРО-ДПМНЕ допрва ќе одлучува што понатаму со иницијативата за референдум.
Од владејачкото мнозинство, немаат никакви дилеми дека Џафери постапил правилно и во рамки на своите надлежности. И од СДСМ и од ДУИ како неосновани ги отфрлија обвинувањата од опозицијата. Според нив, Џафери положил заклетва пред Уставот и има право да го толкува.