Најрано во октомври годинава, кога со ребаланс на буџетот ќе се обезбедат средства коишто ќе гарантираат непречена работа и финансиска независност на јавниот радиодифузер – МРТВ, Владата ќе донесе мерка за укинување на радиодифузната такса (РДТ). Ова го потврди денеска, премиерот Зоран Заев, којшто оваа мерка ја споменуваше во приоритетите на новата Влада, веднаш по нејзиното формирање.
„Наша цел е барем во почетокот на септември или почетокот на октомври, да ја укинеме радиодифузната такса“, рече Заев.
Наспроти овие изјави на премиерот Заев, опозиционата ВМРО-ДПМНЕ во популистички манир и денеска бесрамно предложи измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги по итна постапка, што ќе значи уникување на РДТ.
Меморијата на оваа партија, очигледно е прекратка. Зашто, на многу поединци и семејства што се корисници на социјална помош, на многу земјоделци што живеат само од минималната заработувачка, на многу работници со минимални примања…, со извршни решенија им се наплаќаше секое доцнење или не дај боже, неплаќање на овој надоместок за РДТ. Тие средства, во најголема мерка ги ефектуираше МРТВ, за информативна програма во служба на ексвладеачката ВМРО-ДПМНЕ, и со оскудна образовна, културно-забавна… – програма на сите свои канали.
И покрај патештествијата на бабата од Пресил, која што остана без скромната пензија од околу 5.000 денари, наследена од сопругот, зашто УЈП со извршно решение и наплати РДТ, иако таа нема телевизор и не гледа со едното око, ВМРО-ДПМНЕ сега сака „ловорики“, зашто СДСМ предизборно најавуваше укинување на овој надоместок. И, иако, многу, многу семејства во секој град, со години без исклучок добиваа фактури за наплата на таксата за сите членови, а аномалијата на УЈП и МРТВ, сè уште не е целосно отстранета, ВМРО-ДПМНЕ денеска побара да се укине РДТ!?
Додека беше на власт, оваа партија, не само што немаше слух за граѓаните, туку не го ни почитуваше законот, па многу доверливи податоци од УЈП, беа на располагање на МРТВ, само и само да се зголеми наплатата, поточно приходите за МРТВ, во која се сервираше секојдневна информативна порција во одбрана на популистичката политика на ВМРО-ДПМНЕ.
М. Талеска