Лидерот на српското движење „Доста беше“, Саша Радуловиќ, изјави дека водечкиот опозициски политичар Саша Јанковиќ во 2014 година му признал дека веќе десетина години во земјата функционира паралелен безбедносен и разузнавачки систем – пренесува МИА.
Радуловиќ објави изјава во која вели дека во 2014 година се сретнал со Јанковиќ, тогаш народен правобранител на Србија, кој побарал средба околу состојбата во Владата на Ивица Дачиќ. Радуловиќ тогаш беше министер за економија во Владата на Дачиќ, но планирал да поднесе оставка.
„Јанковиќ ми рече дека веќе знае за мојот план за поднесување оставка и дека би било добро да размислам и да не го правам тоа. Ми рече дека Демократската странка во 2004 година почнала да гради паралелен систем на државна безбедност, со апарати за следење и прислушкување, и дека таа служба сега веќе е посилна, помодерна и подобро опремена од државната служба за безбедност. Ми рече да не поднесувам оставка туку да почекам уште малку, да се создадат поинакви безбедносни услови во земјата“ – пишува Радуловиќ.
Движењето на Радуловиќ сега е една од помалите партии во српскиот Парламент, додека Јанковиќ се смета за водечки опозициски лидер, преку Движењето на слободни граѓани кое го предводи и поради неговата претседателска кандидатура против Александар Вучиќ кога ја доби поддршката на Демократската странка и други опозициски партии и невладини организации.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.