Второто издание на средношколскиот „Конект“ фестивал, во организација на група ученици и поранешни ученици од петте скопски гимназии „Раде Јовчевски – Корчагин“, „Јосип Броз Тито“, „Георги Димитров“, „Орце Николов“ и „Никола Карев“, ќе се одржи од 23 до 28 април, во Скопје.
Во рамките на фестивалот посетителите ќе имаат можност да проследат разни активности како натпревар во скејтање, гејминг, разговори, дружење и свирка.
„Главната идеја на фестивалот е да се организира настан, со кој ќе биде стимулиран соживотот на младите во време кога тој беше, и сè уште е, во извесна мера запоставен. За развојот на младите да се одвива по нагорна линија, потребно е да се има регуларна интеракција со различни луѓе. Преку запознавање на различни карактери, како на врсници така и на неврсници, можат средношколците да спознаат нешто повеќе за себеси.“ велат организаторите.
Фестивалот ќе содржи 5 настани, по еден во секоја гимназија, а кулминација ќе биде музичкиот концерт кој ќе се одржи последниот ден во „Школка“ во градскиот парк.
А.П.