ВЕСТ НА ДЕНОТ: Николовски и Заев се откажаа од патните трошоци, ЦИВИЛ повикува и останатите пратеници да го следат нивниот пример
Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, заедно со оретседателот на партијата, Зоран Заев, потпишале изјава со која официјално се откажуваат од патните трошоци што им следуваат.
„Укинувањето на патните трошоци за пратениците е изборно ветување на СДСМ и наша програмска определба. За да дадеме пример, да бидеме оние од кои оваа иницијатива тргнува во пракса, вчера заедно со претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ги потпишавме изјавите со кои јас и тој, официјално се откажуваме од средствата кои ни следуваат на имe на патни трошоци. Ги охрабрувам колегите од сите партии да го следат овој чекор. Да дадеме мал придонес во насочување на што повеќе пари кај граѓаните, кај оние на кои им се најпотребни“, напиша Николовски на Фејсбук.
„Ја поздравувам нивната одлука и преземање иницијатива и во името на ЦИВИЛ, ги повикувам и другите пратеници да ја следат. Ова е изборно ветување на СДСМ и оди во иста насока како и Иницијативата на ЦИВИЛ за укинување на привилегиите на функционерите што ја започнавме во мај 2019 година и ја предадовме во Собранието. Добро ќе биде таа Иницијатива конечно да дојде на дневен ред пред новиот состав на пратениците и да се усвои укинување на привилегиите, почнувајќи од поранешните претседатели, завршувајќи со раководителите на државните агенции и други институции, вклучително и патните трошоци на пратениците“, ијзави претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
По Заев и Николовски од патни трошоци се откажа и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев. „Лично како пратеник нема да користам патни трошоци, ама морам да искоментирам во однос на тоа од СДСМ, џабе откажување од патни трошоци кога ја покрадовте државата и народот“, напиша Јанушев на Фејсбук.
ЦИВИЛНИ ВЕСТИ
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат случаи на различни облици на кршење на човековите права и слободи, лажни вести и говор на омраза, како и низа други негативни појави, политики и практики. Во овој прилог е објавен формуларот за пријава, како и детали за активностите и кампањите на Организацијата.
Повикот на ЦИВИЛ до своите членови, поддржувачи, соработници и сите заинтересирани граѓанки и граѓани да учествуваат во новата акција: Граѓански форум за учество во креирање на владините политики допре до голем број граѓанки и граѓани, активисти и поддржувачи на организацијата. На нашите електронски адреси веќе пристигнаа голем број пораки со артикулирани барања до идната влада, коишто веќе се објавуваат на медиумската платформа на ЦИВИЛ.
Активистката Анета Перковска пишува:
„Пожелно би било оваа влада најпосле да се фокусира на вистинска програма против корупцијата во јавниот сектор. После фијаското со Катица Јанева треба да се формира посебен оддел во правната структура на опшетсвото кое ќе се бори со корупцијата. Сите вработени во приватниот сектор очајно чекаат на некакво превземање од страна на владините структури во поглед на ова прашање“.
ЦИВИЛ го постави прашањето: Онлајн настава – да или не? Зошто?
ФЛЕШ ВЕСТИ
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, утре – 13 август 2020 година, четврток, во 12:00 часот, мандатот за состав на Владата на Република Северна Македонија ќе му го довери на Зоран Заев, претседател на СДСМ и пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.
Коалицијата „Сега е време“ – Алијанса за Албанците и Алтернатива, ја прифатија поканата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети до политичките партии од албанксиот блок, предвидена за утре, 13 август, но бараат средбата да се одржи на друг датум и да се извести за дневниот ред, односно агендата на состанокот.
Моделите што веќе ги подготви Министерството за образование ќе бидат разгледани уште еднаш на состанок на Комисијата за заразни болести, изјави министерот Арбер Адеми кој смета дека новата учебна година треба да почне со физичко присуство, во зависност од епидемиолошката состојба во земјава.
Европската комисија одлучи на Северна Македонија да и додели 160 милиони евра од пакетот за макрофинансиска помош, МФП, како поддршка на економијата во земјата која е погодена од корона вирусот.
Меѓународниот ден на младите, 12 август, со резолуцијата 54/120 на Обединетите нации во 2000 година е усвоен со цел постојано да се унапредува положбата на младите во општеството. Целта е вклучување на младите во општетвото како клучен фактор за градење и одржување на мирот и безбедноста, но и нивно активно учество во политичките, економските и социјалните процеси.
Со урбана акција „Молчењето не е решение“ во Градскиот парк во Скопје, уметници алармираа за проблемот со семејното насилство во земјава, кој стана поизразен поради карантините во време на пандемија на Ковид 19.
СЛОБОДНА ЗОНА
Во колумната „Ми се допаѓа мојата сосетка“, Џабир Дерала пишува: „Администрацијата на Шилегов излезе со решение за уривање на Универзална сала и изградба на отворена летна сцена со парк. Уште зеленило – да, никогаш доста од зеленило… Но, освен многу други, остана отворено и прашањето, како мисли Шилегов да живеат луѓето во близина на отворена сцена во град во кој луѓето не знаат ни тивко да зборуваат за да не им пречат на другите, а повеќето тон мајстори го знаат значењето само на зборот максимум, не знам“.
Професорката Мирјана Најчевска пишува „Што може пратениците во Собранието веднаш да направат“?
„Доколку во Собранието на Македонија имаме пратеници, а не партиски марионети и случајно залутани ликови, тие можат да направат многу работи без да ги менуваат законите, Деловникот или било кој пропис со кој се регулира нивната работа.
Да ја спроведат во пракса одредбата дека Собранието е во постојано заседание и да почнат да одат на работа (наместо да си бркаат партиски, министерски и други работи)“.
Домника М Кардула на својот Фејсбук профил пишува: Три недели пред почетокот на учебната година, нема распишано оглас за избор на асистенти за ученици со нетипичен развој.
Како родител на дете со нетипичен развој сакам да потсетам дека владата, односно МОН според законот за основно образование има законска обврска да обезбеди образовни асистенти за оваа категорија ученици. Три недели пред почетокот на учебната година нема распишано оглас за избор на асистенти.
Д. Муратов