„За пуста желба за власт биле спремни државата да ја носат низбрдо, а народот да страда. Овие денови сведочиме загрозување на Договорот од Преспа, на Договорот за добрососедство со Бугарија, на Охридскиот рамковен договор, на заедничкото едно и еднакво општество, на мирот на граѓаните внатре и на добрите односи со соседите“, објави премиерот Зоран Заев, откако ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива во Собранието за гласање доверба на Владата.
„Но, има оваа држава свој народ, и граѓани, и демократи, и борци, и политичари и партии кои нема да дозволат Мицкоски, Апасиев и Груевски да ја заробат и упропастат државата одново.
Нашата кауза е и граѓанска и државничка.
Знам дека позади таа кауза како бедем гордо стојат мнозинство од нашите граѓани и мнозинство од нашите пратеници.
Демократијата, слободата, солидарноста и заедништвото се нашите вредности“, објави Заев на Фејсбук.
На 31 октомври, по завршување на вториот круг од локалните избори Заев најави дека ќе се повлече и од претедателската функција во СДСМ и од премиерската позиција во Владата на РСМ. Но, до овој момент се уште не поднесе оставка до Собранието.