Откако на сила стапи новиот закон во Унгарија, со кој се предвидува изградба на посебни кампови за сместување на миграните, граничната служба, полицијата и службите за азил ги завршиле сите подготовки за спроведување на новите, поостри правила!
Имено, од денеска барателите на азил во Унгарија смеат да престојуваат само во строго контролирани транзитни зони на границата кон Србија. Овој закон со големо мнозинство беше донесен од Парламентот на почетокот на март и со него се опфатени не само новите баратели на азил, туку и оние кои се веќе во Унгарија!
Додека за премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, ваквите мерки претставуваат подобра заштита на сите ЕУ-граѓани од „миграцијата која е ‘тројански коњ’ на тероризмот“, европскиот комесар за миграција Димитрис Аврамопулос денеска ја повика Унгарија да се однесува во согласност со правилата на ЕУ, кога е во прашање постапувањето со азилантите.
Во меѓувреме, унгарскиот Хелсиншки комитет кој ги застапува правата на барателите на азил, соопшти дека привремената уредба на Европскиот суд за човекови права ја спречува Унгарија да упати осум тинејџери и една бремена жена во контејнерски камп на границата.