ВЕСТ НА ДЕНОТ: Кривичен суд ги замрзна сметките и имотот на Рашковски и неговите деца
На барање на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Основниот кривичен суд Скопје, донесе одлука да го замрзне имотот и сметката на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, како и на неговите две малолетни деца. Според Кривичниот суд, одлуката е со цел „да не дојде до осуетување на намирувањето на оштетното побарување во текот на кривичната постапка“.
Во предметот како оштетена се јавува државата со оштетно побарување во вкупен износ од 17.642.237,00 денари.
Рашковски беше приведен на 16 април годинава, во рамки на истрагата за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци. За него се води постапка под сомнение дека, како генерален секретар купил софтвер за автоматско казнување на сообраќајни прекршоци, иако Министерството за внатрешни работи тоа не го побарало и не го користиле софтверот. Тој во истражниот затвор, односно во притвор, беше задржан неполни два месеца.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Царовска: Студентите од октомври ќе добиваат финансиска поддршка за субвенциониран оброк
„Ако порано имаше обврска да се трошат само кај одредени угостители кои се регистрирани во министерството, сега финансиските средства одат кај студентите, секако со препорака да се користат за набавка на храна. Можеби сега мерките се релаксирани, но не знаеме што ќе се случува во септември, октомври, ноември, декември кога студентите ќе треба да го добиваат овој додаток, а замислете рестораните се затворени и работат само продавниците. Со законските измени овозможуваме ова право да се оствари независно од пандемијата и тие да може да си обезбедат оброк и од маркетите“, изјави Министерката за образование, Мила Царовска во Утрински брифинг.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ денеска имаа средби со свои колеги од ДУИ и од Алијансата на Албанците за поддршка на нивната резолуција за евроинтеграцискиот пат на земјата. ДУИ смета дека треба усогласување на резолуцијата помеѓу партиите, додека Алијансата за Албанците и препорачува на Владата да биде внимателна.
ПРАВДА Oдбраната во случајот „27 април”, каде обвинети се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, денеска на судското рочиште истакна дека обвинетите за организацијата на 27 април ниту имале комуникација меѓу себе ниту во дејствијата за кои ги гони обвинителството има насилство за да може да одговараат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
ПОДДРШКА Владата одобри проекти за уште 36 општини од програмата ТАВ
СТАРТАП БИЗНИС Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и УСАИД потпишаа Мeморандум за соработка со кој ја продолжуваат соработката за поддршка на претприемништвото и стартап бизнисите, зајакнување на капацитетите на приватниот сектор и зголемување на конкурентноста.
Прес конференција под наслов „Отворено за сите прашања“ за изборниот мониторинг на ЦИВИЛ оваа година, постигнувањата и предизвиците од досегашната имплементација на проектот „Европски перспективи, следно ниво“ во дадените општествено политички прилики, што претставува проектот „Зелено општество за сите“, во што се состои новата фаза од иницијативата „Направи разлика: Почитувај ги различностите“?, за мониторингот на дезинформации, лажни вести и говор на омраза во изборен контекст, како и националистичките наративи и хибридните закани со кои се соочува општеството, јавниот настан на тема „Каква е улогата на граѓанските организации во општествено-политичките процеси?, и Преспа Форум Дијалог се тема на ова издание на ЦИВИЛ 7.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ денеска одржа работилница во Штип на тема: „Учество во креирање политики, јакнење на јавната свеста и промоција на европските вредности, мултикултурализмот и недискриминацијата на локално ниво“, на која учествуваше градоначалникот на Штип, Сашко Николов, како и претставници на граѓанското општество.
Екипата на ЦИВИЛ одржа инфо штандови во Штип и Свети Николе каде што ги промовираа европските вредности и мултикултурализмот пред граѓанките и граѓаните.
Работилницата и инфо штандовите се дел од проектот „Европски перспективи (следно ниво)“, кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Македонски и хрватски активисти ќе дискутираат за црната пропаганда против граѓанското општество
Претставниците на граѓанското општество утре (среда, 7 јули) ќе учествуваат на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Црната пропаганда против граѓанското општество“ што ќе се одржи на 7 јули (среда), во хотел Парк Резиденс & Спа (зад фудбалскиот стадион) со почеток во 12 часот.
Учествуваат Горан Ризаов од Фондација Метаморфозис, Кочо Андоновски, ЛГБТИ Центар при Хелсиншки комитет, Павле Богоевски од Прогрес институт, Милан Спировски од ЗНМ и Иван Блажевиќ од Солидарна, Република Хрватска. Дискусијата е отворена и за други граѓански организации кои, по претходна најава, имаат можност за онлајн вклучување во дискусијата.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Ниту име загубивме, ниту јазик ниту идентитетот. Напротив. Го депониравме ФИРОМ во историја како сведоштво на едни времиња, на едни балканските сеништа што тука и таму сè уште талкаат по овие простори кави што сега се и овие со бугарските антимакедонски политики.
Но како да забораваме дека ако како држава не сте запишани во ООН, тогаш не сте држава. А државата Македонија е единствената држава, единствената политичко правна конституција запишана во тетратката на ООН што во името ја содржи именката Македонија. Сега северна, ама Македонија, а Македонците се единствениот народ во светот кој, исто така како што е запишано во светската катастарска книга, е запишан како македонски јазик.“, пишува Зоран Иванов во колумната „Чуму страв ако сме пиреј“.
Д. Тахири












