УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Еден од бројните начини на кои функционира црната кампања се разните „душегрижнички“ јавни повици и осуди за истакнати интелектуалци, новинари и активисти. Цел: да се намали нивното влијание и довербата на јавноста во нив.
Старите навики тешко умираат. Својствено за времето на режимот, тие не можат да се воздржат од правење црни листи. Затоа, тие „храбро“ застануваат зад штитот на анонимноста (во секоја смисла на зборот), па набројуваат имиња на луѓе кои, наводно, молчат за една или друга тема. Некои би рекле дека тоа се обични мрчатори.
Но не е така. Најмалку што може да се каже е дека нивните полуписмени, но отровни објави се типично онлајн насилништво. И не е само тоа. Се работи за грижливо спакувана пропаганда. Тоа им е работа. За тоа се добро платени, освен оние што учествуваат во грдата хајка затоа што се изманипулирани и заблудени., пишува Џабир Дерала во едиторијалот „Душегрижници“
Од „виледата“ што ја цедам од подсобраните внатрепартиски шпекулации, комбинации, но и кадровски „комеморации“, имињата што се вртат за највисоките места во партијата се колоритни. За партиски генерален секретар „фиксот“ е на Миле Зечевиќ, а за потпретседателските места речиси се сигурни и досегашниот Фатмир Битиќи, а и градоначалникот на Валандово Перо Костадинов. Упатените велат дека Ковачевски и неговите емисари сѐ уште „преговараат“ со Нина Фити Неделковска (владина советничка и на Заев), истакната економистка од помладата генерација банкарско-финансиски експерти, но и со Стефан Богоев, донеодамнешниот градоначалник на Карпош. Сања Лукаревска, избрана на претходниот партиски конгрес на заменичкото претседателско место може да биде разрешена (или самата да си замине) на нов конгрес на партијата, ако не стане нова министерка во владата. Што ќе биде со партиските номенклатури на „старите партиски кадри“, како Оливер Спасовски (и понатаму министер за полиција) или Петре Шилегов (за кого се шпекулира како нов министер за транспорт), на пример, никој точно не знае. А и партиските ангажмани на други лица се „неутврдени“, како пратеничката Славјанка Петровска која можеби ќе „напредува“ на министерско место, доколку Бојан Маричиќ преземе ново министерско портфолио во Владата, читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „А, што ќе се случува во СДСМ?“
ЦИВИЛ со осуда на секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин
ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, која во континуитет спроведува мониторинг на општествените и политичките процеси, како и на дезинформациите и говорот на омразата. Организацијата остро го осудува секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат дезинформации и говор на омразата преку онлајн Граѓанска пријава, како и во директна комуникација со организацијата.
НАСТАНИ
САМИТ: Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски денеска учествува на самитот на иницијативата „Отворен Балкан“ во Тирана.
На состанокот во Тирана, премиерот Заев заедно со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Република Албанија, Еди Рама ќе потпишат повеќе мултилатерални и билатерални договори во насока на реализација на основните права за слободно движење на луѓето, производите и капиталот, како дел од зацртаните придобивки за поголема регионална соработка и унапредување на поврзувањето меѓу земјите од Западен Балкан.
Во Тирана денеска ќе бидат потпишани Договорот за условите за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан, Договорот за интерконекција за шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан, Договорот меѓу владите на Република Албанија, Република Србија и Република Северна Македонија за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика.
НАГРАДА: Во Собранието на Северна Македонија денеска ќе биде доделена државната награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ за остварувања во областа на публицистиката и новинарството.
Добитници на наградата, според одлуката на Одборот за доделување на оваа државна награда, се Тошо Филиповски и Томислав Кежаровска за остварувања во областа на публицистиката и Аделина Марку и Марјанчо Николовски за остварувањата во областа на новинарството.
СЕДНИЦА: Собранието денеска треба да го одржи продолжението на 54-тата седница на која има повеќе точки на дневен ред меѓу кои и предлогот за избор на заменици на народниот правобранител, како и предлог законите за изменување и дополнување на Законот за прометот на експлозивни материи, на Законот за следење на комуникациите, изменување на Законот за заштита од експлозивни материи, и на Законот за странци, сите во второ читање.
ПОСЕТА: Претседателот на Големото национално собрание на Турција, Мустафа Шентоп денеска ќе го посети Собранието на Република Северна Македонија.
По церемонијата на свечен пречек со високи државни и воени почести пред законодавниот дом Шентоп ќе има средба со неговиот домаќин Талат Џафери и ќе се потпише во Книгата на впечатоци. Предвидено е и обраќање на Шентоп пред пратениците на Собранието, како и средба со претседателот Стево Пендаровски.
СОВЕТ: Националниот совет за евроинтеграции денеска во Собранието на Република Северна Македонија ќе одржи седница за заклучоците на Советот за општи работи на Европската унија, за проширувањето и Процесот на стабилизација и асоцијација.
Земјите-членки на ЕУ на заседанието на Советот за општи работи (ГАК) на 14-ти овој месец, не постигнаа договор за одржување на првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија до крајот на оваа година и покрај јавно изнесените надежи на словенечкото претседателство за старт на преговорите со двете земји годинава. Во заклучоците од состанокот изостана временската одредница „до крајот на годината“ како рок за одржување на првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана.
КОМИСИИ: Во Собранието на Република Северна Македонија денеска Тања Чачарова-Илиевска, член на Судскиот совет ќе даде свечена изјава. Во законодавниот дом за денеска се закажани и седници на Комисијата за одбрана, Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство и Законодавно-правната комисија.
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ: Припадниците на турската заедница во земјава денеска го одбележуваат Денот на настава на турски јазик, кој е единствен национален празник на Турците во Република Северна Македонија и од 2007 година е неработен ден за нив.
На 21 декември се одбележуува почетокот на наставата на турски јазик – на овој датум 1944 година, во основното училиште „Тефејуз“ во Скопје.
Во посета на земјава денеска ќе биде претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп, кој ќе има средби со државниот врв.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев