СДСМ на претстојните локални избори за градоначалник ќе ја кандидира Милитие Халими, соопшти денеска Зоран Заев, при посетата на Арачиново, по повод верскиот празник Курбан Бајрам, јавува новинската агенција МЕТА.
„Во Арачиново ќе настапиме со член на СДСМ, почитуван во општеството. Ќе настапиме со жена Албанка, Милитие Халими, која со семејството потекнува од ова место. Утврдивме 70 отсто од кандидатите на СДСМ за градоначалници, а во тек се преговорите со актуелните, но и потенцијални коалициони партнери“ – изјави Заев.
Премиерот Заев им го честиташе Курбан-бајрам на сите граѓанки и граѓани со муслиманска вероисповед.
„Ова е празник што нè потсетува дека добрината треба да биде наша водилка. Животот е минлив и менлив, а зад нас останува добрината што ја оставаме кон сите во општеството и кон на кои им треба помош. Затоа секогаш да се потсетуваме на вредностите што празникот ги вади на површина, а тоа е меѓусебно помагање, не само на своето семејство, туку и на пријателите, на соседите, на сите што се околу нас. Само така ќе остане споменот за нас, за нешто добро што сме правеле за сите други“ – рече Заев, кој нагласи дека празникот е во духот на концептот „едно општество за сите“.
извор: МЕТА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.