„Се срамам што сум премиер на земја каде што затворите се надвор од сите стандарди на хуманост и социјалниот аспект на животот на лицата кои се осудени и издржуваат казна во казнено-поправниот дом Идризово“, порача денеска премиерот Зоран Заев при посетата на затворот, по покана на Народниот правобранител и на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија.
Ако според стандардите треба да има 850 осуденици, во Идризово во моментов на идржување казна се 1.850 лица, посочи премиерот Заев.
„Тоа, само по себе, покажува какви последици повлекува. Тоа на луѓето со слабо здравје им е дополнителен проблем, а зборуваме за здравје на луѓе. Храната веројатно е дополнителен проблем со самата бројка, која, исто така, е лоша. Луѓето кажуваат дека за да имаат колку-толку минимум неопходен оброк и квалитетна храна, мора да додаваат од дома, преку пакети кои им ги носат, а дел си готват во самите простории“, истакна Заев.
Како една од опциите за растоварување на преполниот затвор „Идризово“, Заев ја наведе амнестијата на дел од осудениците, преку укинување на 30 отсто од вкупната казна, или преку други методи за кривичните дела за кои постои таква можност, но, не и за тешките форми на криминал, како педофилија или злосторства против човештвото. Заев изрази увереност дека Владата и парламентот се подготвени за итно подобрување на нехуманите услови во затворите.
Маја Ивановска
Камера и фото: Дехран Муратов
Монтажа: Даниела Нисева