Потребно е да е стабилен регионот и што побрзо да се изнајде заедничко решение и да се воспостават добрососедски односи, за да може Македонија да се движи кон евроатланските интеграции, беше резимирано на прес-конференцијата по денешната средба меѓу македонскиот премиер Зоран Заев и еврокомесарот Јоханес Хан во Брисел.
„Никого не обвинувам, секој има став околу прашањето за името, постојат секакви интереси, мораме да најдеме решение и да се најде компромис. Претходните влади почнаа да работат околу ова прашање и треба да продолжиме таму кај што застанаа. Сите страни треба да се залагаат за тоа. Потребен е стабилен регион, бидејќи или внесуваме стабилност, или изнесуваме нестабилност. Потребно е да се разговара со отворен ум и разбирање и да ги слушнеме различните ставови, бидејќи само така ќе најдеме решение што ќе биде добро за сите“, рече Хан.
Заев по средбата изјави дека Македонија повеќе ќе се занимава со европската иднина, отколку со минатото. Тој истакна дека Грција е пријател на Македонија и смета дека ќе ѝпомогне да продолжи кон патот на ЕУ. Заев додаде дека итни приоритети на бовата власт се реформи во судството и во јавната администрација.
„На средбата со комесарот Хан разговаравме за Транспортната заедница и договорот којшто ќе биде потпишан на Самитот во Трст. Искажавме интерес да бидеме држава-домаќин на седиштето на Секретаријатот на Транспортната заедница. Исто така, даваме целосна поддршка на иницијативата за Регионална економска интеграција која на Берлинскиот процес ќе му даде дополнителна суштина. Заедничките предизвици со коишто се соочуваме сите се миграцијата, борбата против тероризмот, радикализмот и насилниот екстремизам кои се многу важни заеднички предизвици кои подеднакво не загрижуваат сите нас. Токму затоа, овие предизвици бараат заеднички и глобален пристап и ангажман за нивно решавање“, изјави Заев.
Еврокомесарот Хан ќе го посети Скопје на 26 јуни.
Високата претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, изрази цврста поддршка на реформските напори на новата Влада, и најави дека Македонија има силен сојузник во ЕУ при спроведувањето на реформите.
Заев денеска се сретна и со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и со потпретседателот на Европската комисија и Високата претставничка за надворешна политика, Федерика Могерини.
Во текот на денот Заев ќе се сретне и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.