УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Не еднаш политичарите во земјава, и водечките и маргиналните, кажале дека им требаат повеќе гласови на изборите или во парламентот – за да не бидат „уценувани“ од „другата“ страна.
Доведувањето на политичкото помирување во релација со интеграцијата, мултикултурализмот и етничките прашања – го убива помирувањето по сите основи. Политичарите кои искрено веруваат во прогресот, веруваат и во мултикултурализмот и во Стратегијата „Едно општество за сите“. Да се потсетиме, оваа владина стратегија, суштински важна за развојот, па и за опстанокот на Северна Македонија како модерна европска држава, се донесе на крајот на октомври 2018 година. Тоа беше исклучително деликатен момент, само еден месец по спроведувањето на Референдумот за прифаќање на Преспанскиот договор, пишува Џабир Дерала во едиторијалот „ Чудовиштето на национализмот“
ЦИВИЛ со осуда на секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин
ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, која во континуитет спроведува мониторинг на општествените и политичките процеси, како и на дезинформациите и говорот на омразата. Организацијата остро го осудува секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат дезинформации и говор на омразата преку онлајн Граѓанска пријава, како и во директна комуникација со организацијата.
НАСТАНИ
ФОРУМ:Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, денес (16-ти декември, четврток), ќе присуствува и ќе се обрати на отворањето на „Иновацискиот и бизнис форум Пеперутка“ (Butterfly Innovation and Business Forum), кој ќе се одржува во хотелот „Hilton Double Tree“, со почеток од 09:30 часот, а е во организација на Регионалниот совет за соработка (Regional Cooperation Council – RCC), а во заедничка соработка со „Европската претриемачка мрежа“ (Europe-an Enterprise Network), INNO и Фондот за иновации и технолошки развој, со поддршка на Европската Унија.
ПРОЕКТ: Церемонија за отворање на твининг проектот „Подобрување на заштитата на вработените во случај на несолвентност на нивниот работодавач“ меѓу Министерството за труд и социјална политика на Република Северна Македонија како главна институција корисник и Министерството за труд и социјални работи и семејство на Република Словачка, заедно со Регионалната развојна агенција од регионот на Братислава, Словачка, ќе се одржи денеска во Клубот на пратеници.
На настанот, како што најави Министерството за труд и социјална политика, ќе се обратат министерката Јагода Шахпаска, раководителот на Одделот за соработка при Делегацијата на Европската Унија Стефен Худолин, амбасадорот на Република Словачка Хенрик Маркуш и проект лидер од земјата членка Карл Јокл.
НАГРАДИ: Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска ќе ги додели наградите за јавниот конкурс „Справување со загадувањето на воздухот – зајакнување на јавната свест за проблемите и можните решенија“ кој беше објавен од страна на ЗНМ во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
На настанот што ќе се одржи во Младински културен центар, изјави за медиумите ќе дадат Кристин Форсгрен Бенгстон, амбасадор на Шведска во земјава и Армен Григоријан, постојан претставник на УНДП и Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ,
ДОНАЦИЈА: Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која денеска во Министерството за внатрешни работи ќе му предаде донација од возила на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
-Опремата е наменета за Единицата за службени кучиња при МВР. Донацијата е дел од заеднички проект на ОБСЕ и МВР, насловен „Обезбедување поддршка на националните власти на Република Северна Македонија во намалување на ризикот од пролиферација на оружје и злоупотреба на мало и лесно оружје“, соопшти Министерството за вматрешни работи.
ФОРУМ: Дводневен регионален форум – прв Western Balkans Butterfly Innovation & Business Forum организира Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како координатор на Европската мрежа на бизнис можности – Enterprise Europe Network во соработка со Регионалниот совет за соработка (Regional Cooperation Council).
На форум што ќе се одржи денеска и утре, ќе имаат можност да се претстават најуспешните старт-ап и етаблирани иновативни компании од земјите од Западен Балкан кои ќе ги презентираат своите иновативни решенија и ќе ги пренесат и своите искуства.
ПРЕЗЕНТАЦИЈА: Во просториите на Europe House при Делегацијата на Европска Унија, денеска ќе бидат презентирани и анализирани економските аспекти од објавениот извештај за Северна Македонија на Европската Комисија со посебен осврт на нивното влијание врз конкурентноста на компаниите, законската рамка за водење бизнис и се она што придонесува кон развојот на внатрешниот пазар.
Настанот е во организација на Европската Бизнис Асоцијација (ЕБА) претставувана од претседателката Катерина Бошевска и генерална директорка на EOS Matrix Македонија и Делегацијата на Европска Унија претставувана од Фрек Јанмат, раководител на одделението за економски прашања, градење на институциите и прекугранична соработка.
КОНФЕРЕНЦИЈА: Завршна конференција „15 years making trade happen – 15 години ја олеснуваме трговијата“ во рамки на „Неделата на ЦЕФТА“ ќе се одржи денеска во Скопје.
„Неделата на ЦЕФТА“ почна на 13 декември, а на завршната конференција ќе учествуваат министерот за економија Крешник Бектеши, еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, претседателот на Управниот одбор на WB6 CIF Марко Чадеж, генералниот секретар на RCC Мајлинда Брегу, како и Емир Ѓикиќ, директор на Секретаријатот на ЦЕФТА.
РАСПРАВА: Во Собранието денеска завршува расправата за Предлог-буџетот за 2022 година и се очекува тој да биде донесен.
Предлог-буџетот тежи 4,4 милијарди денари. Вкупните расходи се планирани на ниво од 272,4 милијарди денари или 35,2 проценти од БДП, а вкупните приходи се проектирани на ниво од 238,9 милијарди денари или 30,9 проценти од БДП. Дефицитот е на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 проценти од БДП. Капиталните инвестиции се повисоки од буџетскиот дефицит и изнесуваат 37,8 милијарди денари, што е за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година. Запазено е т.н. „златно правило во финансиите“, односно буџетскиот дефицит е помал од капиталните расходи.
КОНФЕРЕНЦИЈА: Завршна конференција на тема „Зајакнување на политиките и спроведување на националните стратегии за вработување, образование и социјално вклучување“ ќе биде еодржана денеска како дел од ИПА проектот „Подобрување на квалитетот на податоците и зајакнување на економските политики”, финансиран од ЕУ.
На конференцијата ќе се обратат министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерката за образование и наука Мила Царовска и Стефан Худолин, шеф за соработка на Делегацијата на ЕУ во земјава.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев