Тренинг-семинарот „Културен дијалог“ го организира невладината организација „Чокански добошари“ во Кикинда, во мултиетничката Војводина, во која со векови заедно живеат бројни заедници.
Целта на семинарот е да се лоцираат културолошките разлики и сличности на учесниците од единаесетте земји претставени во проектот, поддржан од програмата на ЕУ за зближување на нациите – од „Еразмус плус“: Косово, Албанија, Бугарија, Романија, Литванија, Турција, Словенија, Чешка, Србија, Полска и Македонија.
Претставник од Македонија е членот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Ермин Климента.
Семинарот се фокусира на младите луѓе, на возраст од 18-28 години и на нивните проблеми во своите држави, споредувајќи ги и разгледувајќи ги можните решенија од социолошки аспект..
Тренинг-семинарот преку своите работилници и дебати ги поттикнува учесниците да истражуваат и да ја откриваат реалната ситуација со младите луѓе во локалната средина, и пошироко, во регионот. Семинарот почна на 5-ти март и ќе трае до 12 март, а по завршувањето, учесниците ќе добијат сертификат на YouthPass.