„Зелено општество за сите“ е наслов на годишната конференција што ја организира ЦИВИЛ во четврток, 28 октомври, со почеток во 12 часот, хотел „Парк Резиденс“ (зад фудбалскиот стадион), сала „Њујорк“.
Како и секоја година, на „зелените“ конференции на ЦИВИЛ говорат претставнички и претставници од граѓанското општество, институциите, владата, политичките партии и иницијативи од земјава, како и од регионот. Како и минатата, ковид-година, и оваа конференција на ЦИВИЛ се одржува во вонредни услови – меѓу два изборни круга на локалните избори што се одржуваат во земјата.
Единство на идеи и акција за зелените вредности, антинационализмот и социјалната правда се темите на кои говорничките и говорниците ќе ги претстават своите ставови, анализи и искуства. Меѓу говорниците се и универзитетската професорка Мирјана Најчевска, активистката Мерсиха Смаиловиќ, Благица Димитровска од невладината „Инклузива“, претседателката на партијата ДОМ, Маја Морачанин, претставници од невладини организации од земјата и регионот, владата, како и аналитичари, соработници и членови на проектниот тим на ЦИВИЛ.
Конференцијата ќе се емитува во живо, на Фејсбук страницата и на Јутуб каналот на ЦИВИЛ.
Настанот е дел од истоимениот проект кој го имплементира организациската единица ЗЕЛЕН ЦИВИЛ, во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел.
Линк до Фејсбук настанот за Конференцијата