Референдумот, иако консултативен, што подразбира граѓанките и граѓаните советодавно да му помогнат на Собранието, како иницијатор, во донесување на една историски важна одлука за Македонија, се претвори во уште еден процес, како да е изборна трка меѓу политички партии. Во текот на кампањата, социјалните медиуми станаа боиште на кое доминираше омразата. Како изгледаше овој процес, гледан низ призмата на кампањите во контекст на Референдумот?
Несомнено, во менталитетот воопшто, но, пред сè, во менталитетот на политичките субјекти, тешко се градат европски и демократски стандарди. Со оглед на тоа дека Договорот со Грција за промена на името ги поделија политичките челници, а со тоа и оние што (велат дека) ги застапуваат, на повеќе табори, кампањите станаа дело на партиско препукување за политички поени со сите можни дозволени и недозволени орудија.
Длабоката поделеност и ранливост во општеството на една страна ја постави проевропската, блескава кампања на Владата и дел од граѓанското општество и меѓународната заедница, а од друга страна антиреферендумски настроените ВМРО-ДПМНЕ со агресивна кампања во одбрана, нели, на името, јазикот, идентитетот, „сдсмовското предавство“ и така натаму.
Условно, постои и една трета страна – бојкотирачи. Тие, несомнено, јавно го изразуваат ставот на опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ), која не смогна храброст официјално да застане на страната на бојкотот, па овие ја вршат нивната работа, се разбира, попатно и за уште неколку цели, делумно и прикриени.
И така, на една страна насмевка, од друга страна кама и кубура, како што вели ЦИВИЛ-от Џабир Дерала во својата колумна: „Оптимизам и ветувања за подобра иднина на едната, а параноја, омраза и лажни вести на другата страна. Повици за обединување на сите граѓанки и граѓани, пријателство и живот во европска и безбедна заедница наспроти повици за обединување на „народ“ против другите заедници, непријателство и живот во изолација што се разбива само со бугарски пасош. Рок-ен-рол против наци-турбо-фолк… Океј, се протнаа и ќосиња во проевропските спотови, но за тоа во првата наредна прилика.“
Контрастите во кампањите ЗА Европска Македонија, против и Бојкотирам се силни во секоја смисла на зборот. Партиите на владејачкото мнозинство, десетици невладини организации, но и партии од редовите на опозицијата (со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити како Единствена Македонија, Левица и други) ја водеа кампањата ЗА. Пораките кои беа поврзани со нивните настапи во јавноста беа елаборирани по тематски целини што вклучуваа придобивки за младите, развојот, безбедноста итн.
Така, ЗА Европска Македонија говореше за тоа дека позитивниот исход од референдумот ќе значи и повеќе европски пари за локален развој на општините, повеќе можности за младите и спортот, повисоки плати, нови инвестиции кои ќе отворат нови работни места итн.
Големо внимание се посвети и на фактот дека светот ја поддржува Македонија, но дека одговорноста е наша: „На 30 септември гласаат граѓаните на Македонија, не гласа светот“, „Заедно ќе го запреме трендот на иселувањето. Младите нема веќе да сонуваат да се иселат надвор од Македонија. Нема да ја бараат Европа надвор од границите. Европа ќе стане наш дом, а европските стандарди наше секојдневие.“
Кампањата ЗА имаше одговори и за тоа што Спогодбата значи и во поглед на идентитетските прашања: „Нашиот јазик и нашето културно наследство се македонски – тоа го потврдивме со Договорот“.
Понатаму, пораките се однесуваа и на тоа дека Договорот, односно ЕУ и НАТО интеграциите значат и „еднакви шанси за сите“, „зголемена вработеност кај младите“, „развој на претприемачкиот дух“, „квалитетно образование“, како и тоа дека „со прифаќање на договорот влегуваме во НАТО, почнуваме преговори со ЕУ“.
Што се однесува до членството НАТО, што е далеку поизвесна придобивка по референдумот (во случај да успее), се говореше дека тоа ќе обезбеди владеење на правила, ред и закон, како и гаранција за безбедноста и стабилноста на Република Македонија.
„Договорот е историска можност, влог во нашата иднина. Имаме граѓанска одговорност да донесеме одлука, да излеземе и да гласаме. Секој од нас треба да избере меѓу иднина и неизвесност. Време е за одлука!“ – се уште неколку од пораките на кампањата ЗА.
Кампањата ПРОТИВ тврдеше дека со Спогодбата се менуваат името, јазикот, културата, идентитет, а дека тоа ќе биде уште една победа на СДСМ…
„ВМРО е кауза, непокор и пред сѐ емоција, но најважното чувар на МАКЕДОНИЈА“ – се дел од пораките што беа лиферувани во јавноста во изминатите недели. „Капитулантски договор“ беше еден од најчесто употребуваните изрази на Мицковски и неговите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ, но и од другите, помали партии од таборот ПРОТИВ. „Преспанскиот договор ја обезличи и ја избриша Република Македонија“ – се вели во настапите на десничарските политичари.
Се чини дека опозицијата водеше кампања како да се оди на парламентарни избори, а воедно водеше и кампања за бојкот на теренот.
Противниците на Спогодбата и на референдумот преку иницијативите собрани околу хаштагот БОЈКОТИРАМ одбраа многу пожесток вокабулар, па така, тие се бореа „против предавниците, антимакедонистите, против Северна, против СДСМ, ВМРО, Америка“… Неколку политичари од маргините на македонската политика, меѓу кои и Ѓорге Иванов, отворено повикаа на бојкот.
Не навлегувајќи подлабоко во нивната кампања во партиски манир од врата на врата, отворени закани, притисоци (со ова не се поштедени ниту другите субјекти во референдумското пропагирање) да се задржиме на пораките што, меѓу останатото, шират и експлицитен говор на омраза: „Запечати им ја судбината на предавниците“, „Само бојкотот нѐ спасува нас и нашата единствена и вечна Македонија. Размислете да не биде доцна“, „Стоп за македонскиот етноцид“, „Бог да нè чува од домашен арамија“, „Лажен ви е рајот, ви се гледа крајот, БОЈКОТ!“ Сè додека шиптари, Срби, власи, Турци, Бошњаци и остала мањина гласаат за мојот македонски идентитет и мојата Македонија, логично е дека ќе бидам #Бојкотирам“, „Со 10.000 шиптари СДСМ и Заев сакаат име да ни менуваат“, „Почитувани пријатели Шиптари (синови на орелот), Турци, Срби, Цигани, Цинцари, Бошњаци и други, јасно ви е дека станува збор за македонскиот идентитет, јасно ви е дека не е за ЕУ. Дозволете ни на нас самите да си ги решиме проблемите во ова наше „време на зреење“ – Стојте настрана!“
Сепак, пред самиот крај на кампањите, и бојкотирачите решија да се акредитираат за набљудување на процесот што го бојкотираат, па така, една од последните пораки пред референдумот беше и повик за аплицирање за набљудувачи под слоганот: „Биди чувар на Македонија од украден Референдум“. Не многу логично, но тоа е.
Факт е дека не можевме или не сакавме да излеземе од партиското, наспроти политичкото и демократското одлучување. Периодот на кампањите го исфрли жестокиот, радикален етнонационализам на површина и покажа дека македонското општество сѐ уште е длабоко поделено и ранливо.
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста
Преземање на содржините под различни услови од наведените НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.