Вчерашниот изборен ден за ЦИВИЛ – Центар за слобода, помина во интензивна комуникација со набљудувачите, граѓанските новинари и волонтери, кои активно го следеа изборниот процес во земјата.
Огромен број материјали и содржини од терен пристигнуваа во текот на целиот период, па така, и во текот на вчерашниот ден. Дел од нив сè уште пристигнуваат на адреса на ЦИВИЛ.
„Само на една од мобилните телефонски линии, од затворањето на гласачките места, до овој момент, се пристигнати преку 100 СМС пораки со информации од теренот. Сите тие ќе бидат обработени и верификувани, а потоа, ќе се внесат во електронскиот систем за мониторинг на ЦИВИЛ, и ќе бидат дел од финалниот извештај кој, традиционално, ќе биде завршен во рекорден рок, побрзо од сите останати набљудувачи“, најавуваат претставници на организацијата.
Дел од добиените информации од терен, ЦИВИЛ ги објави во текот на вчерашниот ден, на прес-конференциите во хотелот „Сити Парк“, но и како содржини на веб-страниците на македонски и албански јазик. Дел од нив не беа објавени поради нивната сензитивност, но и поради изборниот молк.
Во текот на оваа недела, почнувајќи од денес, по сериозна анализа на експертскиот и координативниот тим на ЦИВИЛ, овие содржини ЦИВИЛ Медиа ќе ги објавува како илустрација за тоа како се одвиваат изборните процеси во Македонија, со цел да ја зајакне јавната свест за човековите права и правото на глас.
ЦИВИЛ и понатаму будно ќе ги следи политичките случувања во земјата, во кооперација со своите соработници низ земјата. Објавувањето и расветлувањето на сите аспекти на изборните процеси во земјата ќе продолжи.
Одличната соработка со набљудувачите, дописниците, граѓанските новинарки и новинари и волонтерите на ЦИВИЛ, продолжува и понатаму.
„Им благодариме на сите наши соработници за нивната посветеност и пожртвуваност. Останете со нас и следете нè!“, објави ЦИВИЛ на својата ФБ страница.
Маја Ивановска