Под мотото „Ние сме медиумите! Граѓаните набљудуваат, снимаат, објавуваат…“, ЦИВИЛ – Центар за слобода, во петокот на 9 јуни, вечерта, во паркот спроти централниот плоштад во Гостивар, го промовираше граѓанското новинарство со музика, проекции и разговори со граѓанките и граѓаните.
Во текот на двочасовната дружба, гостиварската јавност имаше можност го проследи и уличниот настан „Street Media”, за презентација на проектот „Граѓански објектив”, посветен на граѓанското новинарство.
На оваа презентација беа проектирани прилози од граѓански новинарки и новинари, а присутните можеа поблиску да се запознаат со активностите на ЦИВИЛ.
Пораката што ја испрати овој настан е дека благодарение на технолошкиот напредок и на социјалните мрежи, денес секој може да биде дел од медиумската продукција во едно општество и да постигне далеку поголема видливост и влијание, отколку оние традиционални медиуми кои се под стегите на контролата од политички и финансиски центри на моќта.
ЦИВИЛ уште еднаш ги потсети жителите на Гостивар дека една фотографија или видео од десетина секунди денес може да постигне далеку поголемо влијание, отколку кампања вредна стотици илјади долари или евра, како и дека еден твит или пост на Фејсбук во кој се разобличува активниост на институција или постапка моќник, може да верижна реакција во општеството.
Попладнето, во Гостивар се одржа и работилница за граѓанско новинарство, на која неколку млади гостиварчан(к)и имаа можност да се запознаат со граѓанското новинарство и да согледаат како на поинаков и попрактичен начин да се активираат во борбата за вистината и за подобрување на медиумскиот простор.
Проектот „Граѓански објектив“ на ЦИВИЛ е финансиран од National Endowment for Democracy.