Британскиот министер за Европа и Америка, сер Алан Данкан пред денешната посета на Македонија, на својот официјален блог објави повик до претставниците на граѓанското општество и до граѓан(к)ите да ги споделат со него своите размисли, препораки за тоа што би можело да се промени во Македонија.
„Со нетрпение очекувам да ги слушнам ставовите на политичките лидери и на граѓанскиот сектор за време на мојата посета. Се надевам дека ќе бидат искрени за предизвиците кои ги имаат и убеден сум дека ќе имаме отворени, позитивни разговори за тоа што можеме да направиме – заедно за да ги надминеме предизвиците. Знам дека можам да се сретнам само со еден мал дел од општеството за време на мојата посета. Затоа ве замолувам да ги споделите вашите мисли со мене и да ми помогнете да разберам повеќе. Кажете ми како би ја опишале вашата земја денес – и што би промениле доколку можете“, пипува Данкан на својот блог.
Тој денеска ќе допатува во посета на Македонија и ќе се сретне со претседателот на државата Ѓорге Иванов, со министерот за надворешни работи Никола Попоски и со лидерите на сите политички партии кои имаат пратеници во македонското Собрание.
„Британија ќе ја напушти Европската унија, но ние не ја напуштаме Европа. Сакам оваа порака да ја пренесам на мојата прва посета на Македонија. Нашата посветеност кон Западниот Балкан е цврста. Секретарот за надворешни работи јасно го порача ова, за време на неговата неодамнешна посета на регионот, исто како и премиерката, во нејзиниот говор за ‘Глобална Британија’. Сега сум овде да ја потврдам таа посветеност“, е ставот на британскиот министер Данкан.
„За надминувањето на пречките за членство ќе треба решителност, политичка решеност и несомнено некои многу тешки одлуки. Политичарите во Македонија ќе треба да ги надминат разликите кои ја создадоа сегашната политичка криза и да се посветат на демократијата и на потребните реформи за да ја повлечат земјата кон напредок. Реформите се битни за да се отворат работни места и просперитет. Демократијата не може да постои без транспарентност, а таквата отвореност не е со цел да биде закана или омаловажување за политичарите и на јавните функционери. Напротив, таа ни помага да го претставуваме нашиот народ. Исто така, важи дека не може да ги прифатите демократските вредности без активно и динамично граѓанско општество и судски систем независен од политичко влијание“, е пораката која ја испраќа Данкан пред посетата на Македонија.