Дипломатските претставници на Република Словенија, на Шведска и на Холандија во Македонија, на денешната дебата „Креирање и/или реконцептуализација на државна надворешно-политичка стратегија на мали и средни држави“, едногласно истакнаа дека не ја гледаат поентата од нови парламентарни избори, кога резултатите од изборите во декември се јасни и прифатени од сите страни. Според нив, избори во тензична политичка состојба каква што има во Македонија во моментов, само ќе ја пролонгираат политичката криза која и онака трае веќе предолго.
„Можеме да кажеме дека е политичка криза, дека е политичка состојба во која чекаме да се материјализираат резултатите од изборите… Собранието сега заседава. Тоа што ни треба е да се фокусираме на суштината, да се најде начин да се формира владата, согласно релациите во парламентот. Не гледам никаква потреба за организирање на избори повторно, зошто би имало? Има резултати од изборите во декември, тие резултати беа прифатени од сите и затоа не гледам која е поентата од нови избори. Јас лично би бил многу задоволен да ги видам локалните избори што поскоро и општините да продолжат да работата, а ние да продолжиме успешно со странските инвестиции и во општините“, е ставот на Милан Јазбец, амбасадор на Република Словенија.
И шведскиот амбасадор во Македонија, Матс Стафансон смета дека излезот од политичката криза треба да се бара во Уставот, а не во нови избори.
„Меѓународната заедница не гледа никаква потреба од распишување на нови избори, кога има апсолутно јасни резултати од изборите во декември. Нови избори во овој случај би се спровеле во клима на екстремни конфронтации што дефинитивно нема да биде добро за стабилноста на земјата. Решението мора да биде изнајдено во рамки на Уставот. Исто така, мислам дека е рано за ‘Пржино 3’, не сум слушнал дека тоа се договара во моментов. Што се однесува на предлогот за лидерската средба, во состојба на конфронтирачка политичка клима, како што има во Македонија, дијалог меѓу лидерите, меѓу власта и опозицијата не е лоша идеја, но тоа зависи од нив. Би било глупаво да се каже дека нема потреба од лидерите да разговараат. Во демократско општество добро е за сите страни да разговараат меѓусебно, посебно во ситуација на политичка криза каква што има во Македонија веќе подолго време“.
„Изборите кои се одржаа во декември беа фер и демократски, како што констатираа голем број на домашни и странски набљудувачи, поради тоа можам да видам многу мала корист од повторни избори, толку брзо по изборите во декември. Тоа сметам дека главно ќе ја пролонгира политичката криза која веќе трае предолго. Сметам дека е прерано за ‘Пржино 3’, прво треба добро да се разгледаат резултатите од досегашниот пржински процес, и да се искористат тие резултати, особено изборите кои се одржаа како основа за вистински излез од оваа политичка криза“, е ставот на амбасадорот на Холандија, Ваутер Пломп.