Во контекст на политичката состојба во Македонија, но и нејзиниот одѕив во соседните балкански земји, со цел, како што најави Брисел, разговор за случувањата во регионот и можноста „сите заедно да се движат напред“, Зоран Заев, мандатарот за формирање на новата влада во Македонија, денеска е на средба со Високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини и со премиерите на Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Истовремено, додека во Брисел ќе се направи обид за враќање на вистински пат кон демократијата и подобрување на добрососедските политички односи, претседателот Ѓорге Иванов, на дводневна средба во Москва, ги зацврстува и односите меѓу црквите.
Патријархот на Руската православна црква, Кирил, во храмот на „Христос Спасителот“ во Москва, на Иванов му ја врачи наградата „Неговата светост патријарх московски и на цела Русија Алексеј Втори” за 2016 година, признание што Иванов го добива за заложбите во зацврстување на улогата на религијата во општеството и јакнење на принципите на верска толеранција.
Денеска се очекува Иванов да се сретне и со рускиот претседател Владимир Путин.
Б.Ј.