Холандската министерката за меѓународна соработка и развој Лилиан Плоумент, најави основање на Меѓународен фонд за абортус, што ќе финансира проекти кои ќе овозможат пристап до едукацијата во оваа сфера, за жените од земјите во развој. Фондот е своевидна реакција на одлуката на новиот американски претседател Доналд Трамп со која тој го забрани финансирањето на меѓународните организации кои ги информираат жените за нивното право на абортус.
„Ова ќе има далекусежни последици. Како прво, врз жените кои имаат право на избор за дете, но и врз нивните семејства и деца и општеството како целина. Да се забранува абортус, не води кон помалку абортуси, туку кон повеќе неодговорни и нелегални абортуси со здравствени и смртни последици“, изјави министерката Плоумент.
И додека САД, со еден од првите укази кои ги потпиша новиот претседател, ја менуваат својата политика по прашањето за правото на абортус, во Европа сé почести се протестите на жените кои сакаат да се изборат за сопственото право на избор.
Абортусот во Ирска се смета за криминално дело, за кое казната може да достигне и до 14 години затвор. Жените кои се против овој закон, на 8-ми март, Меѓународниот ден на жените, нема да одат на работа. Со ваквата одлука, тие сакаат да го свртат вниманието на ирските власти. Законот за забрана на абортусот во оваа земја се однесува на сите случаи на бременост, вклучувајќи ги и оние кои се јавуваат како последица од силување или инцест, дури и случаите каде фетусот не може да преживее надвор од утробата на мајката, поради фатални абнормалности. Според статистиките, секоја 12-та жена од Ирска, патува во Велика Британија секој ден, за да спроведе безбеден и легален абортус. Абортусот во Ирска е забранет со клаузулата во ирскиот устав, познат како „осмиот амандман“, според кој, фетусот има исти граѓански права како и бремената жена.
Протестот во Ирска следува по протести на илјадници жени, во април минатата година во Полска, кои успеаја да ги спречат тамошните политичари да преземат мерки за заострување на одредбите од законот за абортус.