Барањето за дебата во Европскиот парламент, закажана за денеска, за инцидентите што се случија на референдумот за независност во Каталонија, е на предлог на Левите партии и Групата на зелените кои им се придружија на групата на либералите (АЛДЕ) и Партијата на социјалисти и демократи (ПСД).
Европската народна партија (ЕНП) се согласи на дебата со еден услов – да не се разговара за полициското насилство на шпанската полиција. Шпанскиот премиер, Марјиано Рајох, е член на оваа партија.
Поради материјалите што пристигнале од Каталонија кои го потврдуваат полициското насилство, европските пратеници мораа да се согласат на дебатата.
Насилството на шпанската полиција во Каталонија го осудија само Белгија, Словенија и Литванија.
Европската комисија (ЕК) се изјасни со краток коментар дека на насилството не му е место во политиката.
Каталонскиот пратеник во Брисел, Амадео Алтафаж, изјави дека Комисијата на Жан Клод Јункер е слаба и дека во ЕУ најголеми бенефиции добиваат најголемите земји-членки меѓу кои е и Шпанија, а Европската комисија со својата изјава го губи кредибилитетот.
Шкотска е, исто така, една од земјите што ги подржа Каталонците.
„Шпанија ќе продолжи да тврди дека гласањето не било во согласност со Уставот, но не може да ја игнорира силата на покажаните чувства, како што тоа не може да го направи ни меѓународната заедница,“ изјави министерката за надворешни работи на Шкотска, Фиона Хислоп.
Над 90 проценти од Каталонците го поддржаа референдумот одржан во неделата за независност на Каталонија. Во инцидентите беа повредени 893 лица.
Вчера низ улиците на Барселона се одржаа масовни протести.
Б. Ј.